Кој има аптеки во град, ќе мора да отвори и во село
Сопствениците на две или повеќе аптеки во иста општина или на пет или повеќе аптеки низ Македонија, во иднина ќе треба да отворат аптека и во некое рурално подрачје каде живеат до 3.500 жители. Ова е предвидено во усвоените измени на Законот за лекови и медицински помагала и со ова Министерството за здравство сака да го стимулира отворањето аптеки и таму каде што досега немало интерес.
Ќе се доделат 73 вакви лиценци, а за сопствениците е предвидено извесно олеснување, така што во аптеката ќе може да работи и само фармацевтски техничар.
„Од мерката бенефит ќе имаат 119.699 жители, опфатени се 42 општини и 73 села кон кои гравитираат уште стотина села со вкупно 320.000 жители. Неотворањето на пунктовите на постојните аптеки кои имаат повеќе од две аптеки во една општина или повеќе од пет на целата територија на Република Македонија повлекува затворање на дел од аптеките за да дојдат до една аптека, односно да не го исполнуваат практично законскиот услов кој овозможува отворање на овие аптеки“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Сопствениците на аптеки кои ги засега ваквото законско решение реагираа уште пред неговото донесување со аргумент дека нема пазарна логика да мора да отвораат аптеки и таму каде што немаат интерес за тоа. Но, според Тодоров, се работи за германски модел на отворање на супсидијарни аптеки со што се овозможува повисока грижа на државата за руралните населени места.
Слично
