КОЈ И ЗОШТО САКА ДА РАБОТИ ЗА ПЛАТА ПОД ПРОСЕЧНАТА - голем оглас во Фондот за здравство за 33 позиции, еве што се нуди
Огласникот на Агенцијата за администрација одамна немаше интересни понуди за желните за работа во државната администрација, но вчера на него изби прилично значајна позиција, иако само според бројот на работните места што се нудат, но не и според платите што се им се нудат на кадрите што таму ќе се вработат.
Имено, ќе вработува Фондот за здравствено осигурување, и тоа дури 33 лица одеднаш, а огласите за овие вработувања вчера беа објавени на веб страната на Агенцијата за вработување.
Почетните плати што се нудат не се високи, од 24, па до 28 илјади денари, што значи дека се под просечната плата во земјава, но и покрај тоа, државната служба никогаш не била несакана кај нашите граѓани, бидејќи тие места не само што веднаш се пополнуваат, туку на нив е и многу тешко да се добие вработување.
Првиот оглас е за вработување на 16 државни службеници. Прво, се бара стручен соработник за право од здравствено осигурување, кој треба да има ниво на квалификациите VI Б и стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од Правни науки, но и најмалку две години работно искуство во струката. Ќе зема плата од 24.715 денари, а за оваа позиција според планот на институцијата, се бара да биде Македонец.
Втората позиција што се бара е контролор во Подрачната служба ДЕМИР ХИСАР, кој треба да има завршено стоматологија, и да има две години работно искуство од струката. За него предвидената плата е 25.369 денари и треба да биде Македонец.
Третатото вработување е предвидено за контролор на придонес, кој треба да има Економски факултет, двегодишно искуство, а ќе ја зема истата плата како и местото што е огласено пред него, нешто над 25 илјади, а според националноста, се бара да е Македонец.
Натаму, се бара стручен соработник за право од здравственото осигурување и регрес, за 24.715 денари, Македонец, стручен соработник за преведување и толкување во Подрачна служба Кичево, кој ќе работи за иста плата како претходната, а треба да биде Албанец.
Потоа, се бараат двајца стручни соработници за следење на основните здравствени услуги во примарна здравствена заштита, кои треба да се правници или економисти. Треба да се Албанци, за плата исто од 24.715 денари.
Фондот планира да вработи и стручен соработник за следење на основни здравствени услуги од примарна здравствена заштита, исто со високо образование, за иста плата, кој треба да е Македонец.
А, како малку подобра позиција се издвојува онаа за шеф на одделението за надоместоци и придонеси и правно административни работи во подрачна служба Куманово, кој треба да има високо образование и искуство најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор. Платата ќе му биде 27.980 и треба да биде Македонец.
Натаму, се бараат соработник за спроведување на меѓународни договори за социјално осигурување, сручен соработник III ниво за трезорско работење, соработник за контрола во здравствените установи, стручен соработник за преведување и толкување, стручен соработник за управување со човечки ресурси, соработник за следење на склучени договори за јавни набавки, како и соработник за договори со здравствени установи, а нивните плати ќе бидат во истите рамки.
Според последниот податок на Државниот завод за статистика, кој се однесува на септември годинава, просечната месечна исплатена нето-плата изнесувала 32.553 денари.Н.Н.Ф.
