Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој и плати милион евра дивиденда на „Комерцијална банка“?

Кој и плати милион евра дивиденда на „Комерцијална банка“?

КБ Прво пензиско друштво управува со пензиските заштеди на повеќе од 265.000 вработени и идни пензионерии има најмногу осигуреници во конкуренцијата (вредноста на задолжителниот пензиски фонд надмина 764 милиони евра заклучно со март 2021 година). Од управувањето со нивните пари друштвото во 2019 година заработило 2 милиони евра од кои 1 милион евра завршиле како дивиденда за акционерот - „Комерцијална банка“

„Комерцијална банка“ лани наплати вкупно 1,47 милиони евра дивиденда од свои вложувања во акции на шест компании од финансиската индустрија, покажуваат официјални податоци од годишниот извештај за работењето лани на најголемата македонска банка (според активата н.з.).

Најштедар дарител на дивиденда е најголемото друштво во кое „Комерцијална банка“ е акционер заедно со словенечки партнер. Станува збор за друштвото „КБ Прво пензиско друштво“ кое управува со задолжителни и доброволни пензиски фондови.

За неговото успешно работење во 2019 година ова друштво остварило нето добивка од 2,02 милиони евра. Од тоа на двата сопственици им исплатило дивиденда при што „Комерцијална банка“ лани остварила прилив по основ на дивиденда од 1,01 милиони евра. „КБ Прво пензиско друштво“ е најголем учесник на пазарот во вториот пензиски задолжителен столб затоа што прибира средства од 265.351 осигуреник (идни пензионери, податокот е заклучно со 2020 година н.з.) што е 52 отсто од сите осигуреници во вториот задолжителен пензиски столб. Анализа за пензиските фондови од вториот и третиот столб може да прочитате на следниот линк.

Втор според висината на дивидендниот принос било друштвото за управување со отворени инвестициски фондови „КБ Публикум“. За своето успешно работење во 2019 година друштвото на „Комерцијална банка“ и исплатило дивиденда од 276.400 евра.

Уште 92.700 евра дивиденда „Комерцијална банка“ наплатила од своите вложувања во Mastercard International USA, Македонска берза АД Скопје и Клириншка куќа КИБС.

„Комерцијална банка“ за ланското успешно работење на своите акционери ќе им исплати дивиденда од 550 денари за акција.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести