Кој и колку пати уплатил кеш од над 15.000 евра во банка?
Точно 88.407 трансакции во кои се исплатувал или уплатувал кеш од над 15.000 евра поминале низ банките и штедилниците во текот на целата година лани. За сите нив банкарите пратиле известување до Управата за финансиско разузнување, која ги чува па ги користи за да ги испита сомнителните случаи. Наскоро вакви известување банките ќе испраќаат за сите готовински транскации кои се над 2.000 евра. Владата подготви измени на законот за спречување перење пари со кои го спушти овој лимит за кеш плаќањата. Целта, како што се тврди е да се зајкне регулативата, а со тоа да се намали и сивата економија.
Во земјава до сега беше забрането да се вршат готовински плаќања, односно исплата или примање на готови пари во износ од над 15.000 евра во една или во повеќе меѓусебно поврзани трансакции што не се извршени преку банка или штедилница.
„Извештаи за готовински трансакации над одредениот износ доставуваат единствено банките и штедилниците. По овој основ во текот на 2017 година се доставени вкупно 88.407 извештаи. При доставувањето, чувањето и анализирањето на овие податоци се запазуваат сите безбедносни стандарди. Податоците кои се доставуваат до Управата, се импортираат во базата на податоци и се користат при анализата на сомнителните случаи, односно, се користат при т.н. првични проверки на лицата за кои субјектите, надлежните органи и овластените тела на други држави доставиле извештај за сомневање, односно доставиле барање на податоци, велат од Управата.
Со измените на законот сите трансакции над 2.000 евра ќе бидат единствено преку банките и штедилниците. Плаќањата ќе мора да бидат регистрирани во платниот промет што значи дека ќе бидат оданочени според закон.
А.Т.
