Кој градел повеќе патишта, а кој повеќе споменици?
За време на своето владеење Никола Груевски има изградено само 7,6 километри автопат, тоа е автопатот Табановце - Куманово, ја реконструираше 27 километарската делница Катланово – Велес и ја дозаврши скопската заобиколница, пишува во реакцијата на СДСМ на изјавата на премиерот Груевски, дека владата од 2006 до 2013 година потрошила над милијарда евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура.
Опозиционерите пресметале дека владата на Груевски давала по 17 милиони евра во просек годишно за изградба или реконструкција на автопатишта, што според СДСМ е приближно колку сумата за 11 изградени споменици во Центарот на Скопје, при што се повикуваат на Ревизорскиот извештај за Скопје 2014.
„За 4-те лавови на мостот Гоце Делчев отидоа 3 милиони евра пари на граѓаните. Дали можеби Груевски под вложувања во инфраструктурата, мисли на сумата од 4,7 милиони евра што ја одвојувал за локални патишта, што е половина од сумата за Триумфалната порта“, велат од СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ реакција
СДСМ не може да се помири со фактот дека во Македонија парите на граѓаните се инвестираат во нови патишта, болници, училишта, канализациони и водоводни мрежи, вели владеачката ВМРО - ДПМНЕ по реакцијата од опозиционата СДСМ дека најавата на премиерот Груевски за инвестиции во патната инфраструктира е лажна.
„СДСМ се повеќе се плаши од одговор на прашањето каде завршуваа парите кога тие беа на власт. За разлика од денес, во времето на СДСМ милијарди евра народни пари беа трошени, а граѓаните не можеа да видат ниту пак да се сетат на барем еден капитален проект. Граѓаните затоа се уште се сеќаваат на лажно ветениот пат од Велес до Прилеп преку Бабуна или на железничката пруга кон Бугарија за која беа потрошени 300 милиони тогашни марки, а од која останаа само нефункционални столбови да сведочат за инфраструктурните ветувања на СДСМ. Затоа денес, на СДСМ им останува да кажуваат лаги, бидејќи фактите говорат дека многу повеќе ние сме инвестирале во инфраструктурата во изминативе години, а тие не инвестирале. Доказ за тоа се реконструираните и изградените 469 километри автопат и регионални патишта, 26,4 километри магистрални патишта и 586 километри локални патишта, се вели во одговорот од ВМРО ДПМНЕ.
Слично
