Кој ги продал акциите од Македонска берза ќе дознаеме догодина: Еве кои се потенцијалните продавачи
Поминаа четири работни дена откако Загребската берза купи 5,3 отсто од Македонската берза, но да беа и десет пати по толку секако јавноста ќе дознае кој ги продал акциите дури следната година кога ќе станат јавни финансиските извештаи за работењето на берзата за годинава или за половина година од сега. Имено само таму Македонска берза објавува целосна листа на акционери. Како друштво кое не е котирана компанија ниту такво со посебни обврски за известување акционерите со над пет отсто во Македонска берза не треба да ги објавува ниту Централниот депозитар за хартии од вредност. Затоа, засега само ќе се претпоставува кој е продавачот. Другите берзи од регионот имаат поразлична практика
Од Загребсакта берза за Фактор минатата недела потврдија дека акциите во Македонска берза ги продал некој од топ 10 акционерите. Кој е тој? Во финансискиот извештај за работењето на Македонска берза за лани ги има најголемите акционери заклучно со лани.
Шпаркасе банка поседува безмалку 16 отсто од капиталот и е најголем акционер. Комерцијална банка има 9,99 отсто од капиталот во Македонска берза, исто колку што има ТТК банка.
Нешто помалку или 9,92 отсто има Стопанска банка АД Скопје, додека Еуростандард банка на крајот на 2018 година поседувала 9,89 отсто.
НЛБ банка има 6,09 отсто, а КБ Публикум инвест поседува 5,48 проценти од капиталот на Македонска берза.
По 5,3 отсто поседуваат Централна кооперативна банка, Охридска банка, УНИ Банка, Еуролинк АД. Останати акционери имаат по помалку од пет отсто и заедно поседуваат 11,46 проценти. Ако се анализира вака структурата може да се претпостави дека својот удел го продале тие што имаат по 5,3 отсто, но тоа секако не мора да е така, затоа што може ист толкав дел да продаде и некој од акционерите што имаат повеќе акции.
На 18 декември Загребската берза соопшти дека во трансакција купила 5,3 отсто од сопствеништвото на Македонска берза, односно дека стекна 148 акции, секоја по цена од 1.000 евра.
Останува да се види каква промена ќе биде регистрирана во сопствеништвото на берзата кога ќе се објават извештаите за годинава, ама дури следната година. Се поставува прашањето не треба ли Македонска берза да е потранспарентна па јавно да соопштува за овие промени, затоа што сепак е организатор на пазарот и поборник за транспарентност на друштвата.

Загребската берза на интернет страницата има посебен дел каде се објавени сите моментни акционери.
А.Т.
