Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОј ГИ КРАДЕ СТУДЕНТИТЕ: Се рушат домови, а парите од студентска членарина тајна!?

КОј ГИ КРАДЕ СТУДЕНТИТЕ: Се рушат домови, а парите од студентска членарина тајна!?
Милионските суми кои се влеваат во касата на Студентскиот  парламент се табу тема за студентите. Никој не знае каде завршуваат  парите  по основ на задолжителна чланарина од 250 денари кои секој студент мора да ги уплати на сметка на организацијата, а добар дел од студентите особено оние кои се сместени во студентските домови сеуште живеат во мизерни и субстандардни услови. На системот на студентско организирање му е потребна темелна реформа пред се во нивото на регулацијата, структурата и редефинирање на односот на претставничката форма помеѓу студентите и образовните институции-вели Горан Таневски од Студентскиот пленум. Унифицираниот модел на организирање и претставување кој не дозволува флексибилност согласно условите на високообразовната средина и преференците на студентите како и системот кој има структура која овозможува централизирање на моќта во едно студентско тело врз кое нема соодветене мониторинг за неговата работа е вели  реален проблем со години. Па така сеуште на македонските факултети има изборен систем кој е недоследно спроведен со директни партиски влијанија врз студентските претставнички структури,  што создава чувство на апатија кај студентите. “Студентскиот Пленум одбива да чека на човечки жртви за дури тогаш да се превземат мерки за решавање на проблемот со студентските домови. Што ако таванот паднеше врз нечија глава?! Деновиве пленумците со герила акции алармираат на неопходноста од НАЈБРЗО решавање на овој проблем, но и ги охрабруваат студентите кои живеат во домовите,  а кои од страв не сакаат да го кренат својот глас истото да го сторат. Што се однесува до СПУКИМ но и Студентските парламенти при факултетите на УКИМ, се работи на изготвување на нов Закон за високо образование кој ќе ги опфати и студентското организирање и репрезентација. По донесувањето на интегрално новиот Закон за високо образование нетранспарентните, нелегитимните и нелегалните парламенти ќе бидат минато на кое никој со задоволство нема да се присетува”-вели студентот Таневски. Оттука студентите бараат итно дефинирање на поимот студентска организација и форми на самоорганизирање, создавање на регистар на студентски организации на факултетите и универзитетите, создавање на студентски претставнички тела по мерка на студентите и најважно воспоставување на систем на контрола врз финансирањето на студентските претставнички тела. “Студентите немаат никаков увид во финансиите на СПУКМ, односно не знаат со сигурност ниту со колкава сума располага Студентскиот парламент, ниту како тие пари се трошат. Овие податоци се држат во тајност, а моја лична претпоставка е дека има и причина зошто е тоа така. Парламентот не подлежи под Законот за пристап до информации од јавен карактер иако се води како невладина организација, па така не е должен да ги објавува податоците од финансиските работења, иако тоа многу пати било побарано од нив. Се зборува за сума од над 5 милиони денари, но истото со сигурност не може да се знае”-додава Горан Таневски од Студентскиот пленум. Студентите според него се соочуваат со голем број на проблеми, почнувајќи  од немањето на елементарни услови за живот во студентските домови. Иако акцентот е ставен на СД "Гоце Делчев" од каде што  беа објавувани фотографии  преку кои домашната но и меѓународната јавност можеше да се увери во нечовечките услови во кои  живеат студентите, состојбата во која се наоѓаат најголемиот дел од студентските домови е алармантна и околу тоа скоро ништо и да не се превзема. Прашање е вели студентот по право, дали објектите кои не се реновирани по 10, 30 и 50 години можат воопшто да бидат реновирани. “За да не биде дека ова се зборува напамет, доволно е да се погледнат ревизорските извештаи за состојбата на студентските домови и препораките на ревизорите. Друг проблем е секако Студентскиот парламент на УКИМ што е рак рана на студентскиот живот и организирање низ годините, а моментално е најактуелна темата околу фалсификувањето на потписи во Студентскиот парламент на Правниот факултет. Тројца студенти меѓу кои сум и јас поднесоа кривични пријави во Јавното обвинителство на кои се уште нема одговор, а се надевам дека актуелизирањето на темава ќе ги охрабри и другите кои се видоа себе на документите, а знаат дека се фалсификувани исто така ќе поднесат соодветни пријави”-објаснува Таневски. Учеството на студентите во управувањето на високото образование кое е еден од најзначајните резултати кои произлегуваат од Болоњскиот процес  е клучен сегмент кој треба да им обезбеди статус на партнери во креирањето на политиките во високото образование, но не преку студентски организации кои не ги штитат нивните права. Но и покрај заложбите кои излегуваат од Болоњскиот процес, во дел од високообразовните институции со покревка демократска традиција, сеуште постои одреден анимозитет кон прифаќањето на студентите како еднакви партнери во процесите на одлучување, што може да претставува сериозна пречка во остварување на нивните интереси. Финансиските ресурси со кои располагаат студентските претставнички тела се според студентите еден од најзначајните сегменти кои ја дефинираат нивната моќ, влијание и улога. Оттука  студентите очекуваат реформирање на системот  откако ќе се создаде општ консензус меѓу студентите за потребата од  ваков чекор, но и да се стекне подршка од  академската заедница со цел процесот на трансформација да биде поуспешен. Самата трансформација според студентите не опфаќа само измена во постоечката правна рамка, туку и промена на начинот на кој се перцепира ова прашање и кај студентите и кај образовните институции. С.Б.
Слично

Поврзани вести