Кој ги донесе преговорите во ќор сокак?
Меѓународната заедница неколку пати остро ги предупреди нашите политичари, дека ако преговорите пропаднат тоа многу ќе ја чини Македонија. Но, и покрај тоа договорот од Пржино е заглавен во ќор сокак, а нема ниту некој конкретен план за негово враќање во живот.
Додека договорот е оставен да „дише на апарати”, македонските политички партии се „фати ја в гуша” за да докажат кој е главниот виновник за неисполнетиот договор.
Од владејачката партија ја обвинија СДСМ излегува со нови барања и затоа не можеле да се договорат.
– Бараме конструктивно однесување од СДСМ. Да не дозволиме поголемо продлабочување на политичката криза. Ние мислиме дека СДСМ ова го прави затоа што имаат неколку цели. Првата е продолжување и продлабочување на политичката криза, втората е да се изгуби препораката од Европската унија, додека третата е да се предзвика економска штета на државата – изјави Антонио Милошоски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна пак, СДСМ остро демантира дека ги кочи преговорите, префрлајќи ја вината на владејачката партија.
-Не е усогласен законот за Влада со што уште еднаш Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ покажуваат страв од избор на независен министер за внатрешни работи, како и избор на министер за труд и социјала и заменици министри, бидејќи на тој начин сметаат дека може да ги сокријат сите злодела коишто се направени во овие ресори. Единствено одговорни ако Македонија ја загуби препораката за членство во ЕУ ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, порача денеска генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски.
Партиските реакции доаѓаат два дена подоцна, откако амбасадорите во заедничка изјава ги повикаа ВМРО-ДПМНЕ да не го кочат Пржинскиот договор, а од СДСМ побараа да не објавува политички „бомби“.
И двете партии потврдија дека преговорите ќе продолжат, но шансите за компромис се мали.
Партиите заглавија во преговорите уште пред една недела. Тие не можат да се договорат околу комплетирањето на составот на специјалната обвинителка, а нема договор ниту за надлежностите на новите министри од СДСМ ниту за законот за бомбите.
Главен проблем се и ингеренциите на министерот за внатрешни работи. Тој треба да биде избран на предлог на СДСМ одобрен од другите партии.
Меѓународната заедница веќе неколку пати не опомена: Ако преговорите пропаднат, Македонија ќе се соочи со меѓународи санкции и изолација, и најверојатно ќе ја изгуби и препораката за почнување преговори за членство во ЕУ.
