Кој е Звицер за кого се крена прашина?
Деновиве на политичката сцена во земјава и регионот е актуелен Радое Звицер, човек кој се поврзува со можно организирање на атентат на српскиот претседател Александар Вучиќ кој бил планиран за февруари. За ова српските власти добиле информација од Европол.
Во земјава имаше обвинувања дека тој поседува македонски пасош, на што МВР возврати дека не е точно.
Звицер важи за еден од основачите и водачите на „кавачкиот клан“ и еден од најголемите шверцери на кокаин во светот. Тој е осомничен дека е вмешан во нарачување убиства.
Се верува и дека тој стои зад ликвидацијата на шефовите на „Шкаљарскиот клан“, Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ во Атина. Медиумите пишуваат дека Звицер избегнал апсење за време на полициска акција на територијата на Косово пред неколку години, бидејќи побегнал од Приштина еден ден претходно, благодарение на дојава што ја добил. Звицер извесно време поминал во Приштина, од каде отпатувал во Истанбул, Виена и Цирих користејќи лажни документи. Тој се криел во земјите од регионот и ЕУ под лажното име Јосип Бабиќ, роден на 6 февруари 1979 година од Орашје, БиХ.
Звицер избега во февруари веднаш по апсењето на Вељко Беливук, Марко Миљковиќ и останатите членови на кланот. Водачот на кланот во март не бил пронајден во неговата куќа во которската населба Кавачи. Црногорската полиција упадна во неговата куќа на 28 март. Сега се смета дека е во Јужна Америка.