Кој е за, а кој против демаркација меѓу Косово и Црна Гора?
Пратениците кои во косовското Собрание ги претставуваат малцинските етнички заедници ќе гласаат за Спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора.
Ратификацијата на Спогодбата на дневен ред на косовското Собрание ќе биде на 1 септември. Против нејзино усвојување се опозициските партии Иницијативата за Косово, Алијансата за иднината на Косово и Движењето Самоопределување, но според косовските медиуми и најмалку осум пратеници од владејачката коалиција.
„Ратификацијата на спогодбата за демаркацијата на границата со Црна Гора не треба да се одлага, бидеќи може да создаде нестабилна ситуација во земјата“ - вели косовскиот министер за јавна администрација Махир Јагцилар, чија партија ја претставува турската етничка заедница во Парламентот.
За весникот „Зери“ изјави дека прашањето за демаркацијата, како национално прашање, има потреба за дополнителни консултации, како од практичен така и од општествен аспект.
Премиерот на Косово, Иса Мустафа рече дека Владата во Приштина се согласува со демаркацијата на границата со Црна Гора затоа што не губи ниту сантиметар од својата територија, но косовоската опозиција и повеќе невладини организации се против демаркацијата за која велат дека е во интерес на Црна Гора, која добива нови територии.
Усвојувањето на овој документ е услов Косово да добие визна либерализација.
