Кој е ставот на ОПЕК за договорот за замрзнување на производството на нафта?
Невообичаена изјава дојде откако цените на нафтата продолжуваат да се намалуваат веќе неколку дена.
ОПЕК изрази оптимизам за договорот за замрзнување на производството на нафта.
По неколку дена по ред пад на цените на нафтата Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) оваа недела изрази уверување дека подоцна овој месец ќе се финализира договорот за ограничување на производството на нафта и ги отфрли критиките кои го доведуваат во прашање влијанието на организацијата, информираа од Wall Street Journal.
Овој став од 14-те земји членки дојде откако цените на суровата нафта се намалија со близу 8% од крајот на минатата недела досега. На септемвриската средба во Алжир групата вети дека ќе го намали производството со до 2%, но ги одложи деталите за тоа кои земји ќе го намалат производството и со колку за следното собрание на 30 ноември.
Американската влада соопшти дека резервите на нафта во земјата минатата недела се зголемиле на рекордни нивоа за последните 30 години.
Аналитичарите ги променија прогнозите за цената на нафтата. Тврдат дека таа ќе се покачува следната година, но ќе остане на ниво под 60 долари за барел за 2017 година, покажа истражувањето меѓу 14 инвестициски банки, спроведено од Wall Street Journal. Минатото лето многу од истите банки прогнозираа дека цените на „црното злато“ ќе задминат 70 долари оваа година, ниво, што според нив нема да биде постигнато до 2018 година
