Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој е новиот член на УО на Алта банка АД Битола - магистар со две дипломи и банкар со долгогодишно искуство

Кој е новиот член на УО на Алта банка АД Битола - магистар со две дипломи и банкар со долгогодишно искуство

Новиот член на Управниот одбор на АЛТА Банка АД Битола, Зaрије Коралија, има повеќе од 20 години искуство во банкарскиот и финансискиот сектор во Србија, каде што кариерата ја започнал од основни оперативни позиции, а со текот на времето напредувал до раководни функции.

Тој е дипломиран инженер по организациски науки со магистерски студии од областа на менаџмент, како и дипломиран економист во областа на финансии, банкарство и берзанско работење. Во моментов ја извршува функцијата директор на сектор за управување и поддршка на продажба за физички лица, микро и агро клиенти во Алта банка АД Белград.

Според доставената биографија, неговото искуство опфаќа развој на продажни стратегии, анализа на финансиски резултати, управување со комерцијални активности и унапредување на банкарски производи и услуги. Во рамки на својата работа активно учествува во подобрување на перформансите на експозитурите и оптимизација на деловните процеси. Кандидатот поседува солидно познавање на корпоративното управување, финансиската состојба и ризичниот профил на банката, како и искуство во соработка со регулаторни институции. Се оценува дека неговите компетенции и професионален интегритет ќе придонесат за стабилно и ефикасно работење на АЛТА Банка АД Битола.

Коралија од оваа недела е именуван за член на Управниот одбор на АЛТА банка АД Битола. Со оваа одлука се комплетира составот на Управниот одбор на АЛТА банка АД Битола. Коралија е единствениот член со кој е извршена промена на Управниот одбор по преземањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка.

Според информациите објавени на Македонската берза, именувањето следува по претходно донесена одлука на Надзорниот одбор на Банката од 23 јануари 2026 година, како и по добиената согласност од Народната банка на 19 март 2026 година. Во УО членува уште и Александра Радевска како претседател.



Слично

Поврзани вести