Кој е македонскиот крал на конецот? Од извоз направи 3,2 милиони евра!
„Ветекс“ е една од ретките, а можеби и единствена компанија која овие девет месеци, во услови на огромен раст на цените на струјата и горивата, успеала да ги намали трошоците за суровини и други материјали во споредба со истиот период лани
Велешката компанија „Ветекс“ е македонскиот крал на текстилниот конец и на предивото. Таа веројатно е последната домашна текстилна индустрија која успешно работи и извезува предиво и конец и со тоа ја чува од заборав македонската извозна гордост односно производите од памук – еден од трите симболи (заедно со тутунот и афионот) на нашиот државен грб.
Вкупното продажба на „Ветекс“ за првите девет месеци годинава изнесува 3,7 милиони евра и во споредба со истиот период лани е пониска за 7 отсто.
„Ветекс“ е меѓу македонските извозни шампиони! Ова друштво за првите девет месеци над 85 отсто од целата продажба на конец и предиво ја остварила од извоз. Пласманот на домашниот пазар во целата продажба учествува со помалку од половина милион евра односно 13,5 отсто.
Вредноста на залихите на друштвото на крај на септември надминува 769.000 евра.
Велешката компанија книжи уште еден куриозитет – таа годинава успеала да ги намали трошоците за суровини и други материјали и тоа во време на огромни растови на цените на енергенсите, а особено на електричната енергија.
Нејзините вкупни оперативни трошоци изнесуваат 3,7 милиони евра и во однос на истиот период во 2021 година се пониски за 5 отсто. Од тоа за суровини и материјални трошоци се потрошени 2,1 милиони евра што е за 11 отсто помалку од лани. Намалени се и трошоците за вработените, втора најголема ставка во расходите, изнесуваат 797.000 евра за девет месеци и се пониски за 6 отсто.
Од оперативното работење компанијата „произвела“ загуба од 20.000 евра и тоа е полош резултат од претходната година.
Благодарејќи на финансиските приходи од 50.000 евра за овој период и пониските финансиски расходи, друштвото успеало првите девет месеци годинава да ги заврши со добивка од околу 20.000 евра што е за 84 отсто послаб резултат од истиот период лани.
Оваа компанија има тројца мнозински акционери и тие се: Стоиле Митев со 19,8 отсто акции, Дејан Галев поседува 25 отсто од акциите, а Благој Галевски има 37,6 отсо од управувачките права. Другите 17,6 отсто акции се во сопственост на 140 домашни физички лица.
Р.Ф.