Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој е крив што натпреварот Вардар – Пелистер вчера заврши со крв?

Кој е крив што натпреварот Вардар – Пелистер вчера заврши со крв?
Навивач на Вардар самиот ја активирал шок бомбата што ја одзел од полициски службеник и така посериозно се повредил и самиот и уште неколкумина на вчерашниот фудбалски натпревар Вардар - Пелистер, е верзијата на МВР. МВР денеска презентираше и фотографии, кои според нив покажуваат дека навивачот ја држел шок бомбата во рака непосредно пред експлозијата. „Според првичниот исказ на медицинските лица, таков вид повреда не можела да се случи доколку повредениот не ја држел, односно не ја активирал шок бомбата во рака“, вели Соња Стаматова, портпарол на СВР Битола. Освен потешко повредениот Горан Николоски - Турчин, од експлозијата на шок бомбата биле повредени уште седум навивачи на Вардар и четворица полицајци. Освен фотографиите, МВР својата верзија ја поткрепува и со тврдење дека Николоски во рака ја држел експлозивната направа 15-тина секунди, а од нејзино активирање до детонација се потребни само три секунди. Инцидентот се случи во последните минути на натпреварот кога за да не дојде до судир меѓу двете навивачки групи, на гостинските навивачи им било укажано први да го напуштат стадионот. Тие одбиле доброволно да ја напуштат трибината и се судриле со полицијата, а во еден момент се слушнала детонација на експлозивна направа по што настанал метеж. Навивачите и на Вардар и на Пелистер не веруваат во оваа верзија. Прашуваат како е можно Николоски на фотографиите бомбата да ја држи во десна рака, а нему му е повредена левата. И битолските „Чкембари“ кои натпреварот го гледаа од спротивната страна на стадионот, сведочат дека тој само ја забележал шок-бомбата фрлена среде толпата и се обидел да ја исфрли подалеку за да нема повеќе повредени, при што му експлодирала во раката. Полицијата најавува кривични пријави за вчерашниот инцидент, но додава дека случајот ќе го испита и Внатрешната контрола на МВР.
Слично

Поврзани вести