Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој е Фестим Халили, новиот директор на фондот тежок десетина милиони евра?

Кој е Фестим Халили, новиот директор на фондот тежок десетина милиони евра?

Коста Петров стигна до „врвот“ со владините функции како директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Негов наследник во фондот тежок десетина милиони евра ќе биде Фестим Халили, кадар од ДУИ кој и претходно вршеше повеќе владини функции вклучувајќи и вицепремиерската на само 26 годишна возраст.

Младото крило на ДУИ

ДУИ за прв пат ќе раководи со ФИТР преку Фестим Халили. Интегративците практично ќе управуваат со сите економски сектори и институции во Владата, вклучувајќи го Министерството за економија и Министерството за финансии, а единствено Фатмир Битиќи од СДСМ ќе остане на позицијата заменик на премиерот за економски прашања.

Халили во 2016 година кога се избираше техничката пржинска влада беше едно од кадровските решенија како заменик-министер и вицепремиер на Али Ахмети, односно дел од владиниот тим на млади кадри на ДУИ, од кои ниту еден претходно не беше на висока државна позиција.

Исто така беше директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура и на Националната радиодифузија. Се „прослави“ со тендерот за набавка на новогодишни пакетчиња вреден 1,3 милиони евра.

Тој е роден во Тетово во 1984 година. Работел како доцент на природно-математички факултет  на отсекот информатички науки. Докторирал во 2014 година во Лондон и Тирана. Работел како ИТ експерт во повеќе институции, а добил и признание за Млад научник на годината од ФРИ 2013 во година.

Во првата објава на Фејсбук на албански јазик му упати благодарност на лидерот Али Ахмети за укажаната доверба.

„Ќе се насочиме кон отворањето на оваа институција, на рамноправен начин за сите млади луѓе и истражувачи кои имаат потенцијални и иновативни идеи за развој и напредок на нашето општество и земја“, порача Халили.

Што планира ФИТР годинава?

Халили според усвоениот буџет за 2022 година на располагање во Фондот за иновации и технолошки развој ќе има вкупно 18,7 милиони евра. Според планот на Владата за поддршка на компаниите ФИТР годинава ќе управува со четири финансиски инструменти.

Проекти кои се планираат да се реализираат во 2022 година се утврдени во владините програми, меѓу кои за исплата на финансиска поддршка на инвестиции кон домашните компании, исплата на државна помош кон странските инвеститори во слободните ТИРЗ зони, поддршка на активности за мали и средни претпријатија, реализација на проект Глобален заеднички фонд за целите за одржлив развој, зелени финансии за чист воздух и ублажување на последиците од Ковид-19 кризата, како и финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија преку четирите инструменти за поддршка во рамките на Фондот за иновации и технолошкиразвој.

Иако вкупниот буџет на ФИТР според расходите е помал од претходните две години, сепак во планирањето на буџетот се предвидени поголем број на склучени договори.

Број на склучени договори кај Фондот за иновации и технолошки развој по години:

2018   2019   2020   2021   2022

86  42  124   128   260

Во претходната година дел од поддржаните проекти наидоа на потсмев на јавноста за „иновациите“ како рецепт за пица, но ФИТР имаше клучна грешка во комуникацијата со јавноста бидејќи не сите инструменти на Фондот се наменети за стартапи во ИКТ секторот, туку се за поддршка на нови компании кои имаат производствен процес или воведуваат новитети во понудата.

Ставки во буџетот за поддршка на приватниот сектор

Владата преку ФИТР, Министерството за економија и останатите институции ќе троши многу пари за поддршка на приватниот сектор преку различни програми, а ние анализиравме дел од нив.

·  Субвенции за приватни претпријатија: 1,8 милиони евра евра

·  Поддршка на мали и средни претпријатија: 1 милион евра

·  Финансиска поддршка на инвестициите:  18 милиони евра

·  Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации: 169 милиони евра

Како што најави новиот директор Фондот ќе обезбеди правичност во распоредување на средствата. ФИТР засега нема објавено програма за работа за 2022 година и како планира да ги поддржи иновациите. 

Х.С. 

Слично

Поврзани вести