КОЈ ДОБИВА ПОВИСОКА ПЛАТА В ГОДИНА: Буџетот скроен, нема да има нови вработувања во администрацијата
Владата предвиде за в година раст на платите во здравството од пет отсто, но и зголемување на платите за судиите и за обвинителите од 15 проценти, откри денеска министерот Фатмир Бесими презентирајќи го буџетот за следната 2022 година.
Рече дека ќе има раст на платите и на вработените во образованието од 7 отсто и тоа е согласно колективниот договор, како и за вработените во културата чие зголемување се должи на обврските предвидени од колективниот договор според кои растот се поврзува со зголемувањето на минималната плата.
Бесими рече дека е предвидено зголемување на платите и на инспекциските служби за 10 отсто, а ова покачување се прави согласно закон според кој ова е трето зголемување, трета година по ред.
Инаку за плати и придонеси во буџетот во 2022 година се планирани 531 милион евра, додека со ребалансот за 2021 година износот бил 514 милиони евра. Министерот вели дека нема да има зголемување на бројот на вработени во јавната администрација.
