Кој „балансира“ со природниот гас во Македонија?
ЕСМ Продажба, фирмата-ќерка на ЕСМ, и гасната централа АД ТЕ-ТО се избрани како први економски оператори кои ќе продаваат природен гас во земјата со воведувањето на новите правила на балансирање на системот за пренос.
Со овие две компании се склучени рамковни договори за еден месец по објавениот повик од АД Номагас, новото државно претпријатие формирано од АД ГА-МА и АД Национални енергетски ресурси, кое ќе го купува гасот за балансирање во својот систем, односно за израмнување на потрошувачката со понудата на природен гас во земјата.
Ова е прв пат во земјата да има ваква економска активност со отворањето на пазарот, иако конкруенцијата се уште не е развиена онака како што се очекува да биде. ЕСМ Продажба и АД ТЕ-ТО биле единствените две компании кои се јавиле на повикот за јануари.
Иако има голем број на компании кои се лиценцирани за снабдување со природен гас, мал е бројот кој имаат ресурси тоа реално да го направат. Од „Номагас“ велат дека цената и количината не може да биде објавена, затоа што се работи за балансирање, и дека до сега не е направена набавка или продажба.
- По потреба во тековниов месец, со индивидуални барања за понуди до овие две компании, ќе бидат дефинирани количествата на балансен гас кој НОМАГАС АД согласно потребите ќе бара да го купи или продаде. До сега не е направена набавка или продажба на гас за балансирање од наша страна. Секојдневно се прават анализи и пресметки на дневното работење и потребните количини на природен гас за балансирање, со оглед на тоа што нема искуствени историски податоци од овој начин на работење, кои можат да се превземат од предходните години, одговорија од „Номагас“.
ЕСМ Продажба е снабдувач на природен гас но тоа го прави преку бугарската фирма „Балкан јутилитис“. Фирмата-ќерка на ЕСМ претходно со оваа компанија потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите повикани потрошувачи на природен гас во државата.
ТЕ-ТО со свои посебни договори купува руски гас од кој произведува електрична и топлинска енергија. Електричната енергија ја продава на компании на слободниот пазар, а топлинската му ја продава на ЕСМ Снабдување.
А.К.
