Кои уставни судии тргнаа во мисија за спас на обвинетите од „Титаник“?
Вчера Уставниот суд ја прифати иницијативата претседателот да може помилува лица осудени за изборни нерегуларности.
Со 5 гласа „за“ и 4 „против“ беше изгласан предлогот кој беше на дневен ред на вчерашната седница.
Ова следува откако Специјалното обвинителство го отвори случајот „Титаник“ во кој за изборни нерегуларности и злосторничко здружување главни осомничени се функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и поранешните министри Јанкулоска и Јанакиески. До сега, законот предвидуваше претседателот да не може да амнестира лица кои се осудени за кривични дела против изборите. Имено измените и на Законот за помилување беа донесени во 2009 година од актуелната власт на ВМРО – ДПМНЕ за да се спречи Црвенковски, тогашниот претседател, да помилува политички неистомисленици на власта.Кој ја поднесе иницијативата пред Уставниот суд за помилување за изборни нерегуларности?
Медиумите шпекулираа а подоцна официјално во изјава за Телма адвокатот Ристо Китевски потврдил дека тој ја поднел иницијативата.
Тој во изјава за Телма вели дека стои зад иницијативата која ја поднел и дека секој има право да поднесе иницијатива до Уставниот суд, доколку смета дека неговото барање е издржано.
Имено, Китевски според пишувањата на дел од медиумите е соработник и дел од адвокатскиот тим на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.
Кои се судиите кои гласаа за овој предлог?
Елена Гошева претседателката на Уставен суд, потоа судиите Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојановски, се петтмината доволни за мнозинство во Судот кои дадоа зелено светло за покренување на постапка и најверојатно и укинување на забраната за Претседателот да не може да помилува лица кои се осудени за кривични дела како изборна измама и други дела поврзани со изборни нерегуларности.
Партиите со реакција и контра реакција, граѓаните на протест со јајца за оваа одлука на Уставен суд
За опозициската СДСМ одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на законот за помилување од 2009-тата е признание за изборните измами на власта.
Шилегов, партискиот портпарол на СДСМ вчера рече дека отивот за ваквата одлука на Уставен лежи во постапките токму за изборни манипулации кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство.
„Со одлуката на петте партиски послушници на ВМРО ДПМНЕ во Уставниот суд Никола Груевски ја призна вината на своите најблиски соработници. Изборните грабежи и партизираните институции беа главните причини за политичката криза. Највисоките претставници на партијата на власта се веќе осомничени за злосторничко здружување и изборна измама“, вели Шилегов.
ВМРО-ДПМНЕ реагира на ова што го тврди СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ е партијата која и покрај противењето на СДСМ во 2009 година ги предложи измените во Законот за помилување. Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично. ВМРО ДПМНЕ останува со ист став и денес... СДСМ денес во препознатлив стил се обиде да ја манипулира јавноста и да лаже дека ВМРО-ДПМНЕ стоело зад одлуката на Уставен суд. Затоа ВМРО-ДПМНЕ отворено се сомнева дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука...“
Граѓански организации, здруженија и доброволци вчера вечерта излегоа на протест токму за оваа одлука .
„Судии мафија“, „Нема правда- нема мир“, „Нема да дозволиме“ ечеше пред УС. Граѓаните побараа оставки од уставните судии и порачаа дека нема да дозволат да ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни.
СЈО засега без коментар
Од Специјалното јавно обвинителство не сакаат да коментираат во фаза на постапување, односно се додека нема и конечна одлука за иницијативата.
