Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кои стечајци ќе добијат 7.100 денари државен надоместок?

Кои стечајци ќе добијат 7.100 денари државен надоместок?
Од денеска стапува на сила Законот за материјално обезбедување на невработените лица по основ на стечај. Стечајците кои што се опфатени со новиот Закон од денеска ќе треба да почнат да поднесуваат барања за повисок државен паричен надоместок. Пријавувањето ќе трае еден месец, а што се е потребно да приложат стечајците при пријавувањето, надлежните дополнително ќе појаснат. За денеска е најавена и прес конференција на Агенцијата за вработување каде што се очекува да бидат соопштени деталите. И покрај тоа што пријавувањето почнува од денеска, во тајност се држи списокот со фирмите што се опфатени со Законот. Овој список Владата треба да го достави до Агенцијата. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека имињата на фирмите ќе бидат соопштени дополнително. Во круговите на стечајците се коментира, дека треба да се кажат имињата на фирмите за да знаат кој треба да поднесе барање, а кој не треба. Пред два дена министерот за труд и социјална политика Диме Спасов изјави дека со новото законско решение ќе бидат опфатени 3.000 стечајци.
„Сите оние кои останале без работа во периодот од 2000 година до 31 декември 2013 година, а имаат работен стаж повеќе од 25 години и работеле во претпријатија во доминантна сопственост на државата имаат право во наредните 30 дена да поднесат барање до Агенцијата за вработување на Република Македонија и да добијат материјално обезбедување во износ од 7.100 денари и плус здравствено осигурување“, изјави министерот Спасов.
Пратениците пред две недели го изгласаа новиот закон по скратена постапка. Според Владата, целта на донесување на овој закон, е да се обезбеди социјална сигурност на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Неколку дена пратениците дебатираа за новите законски одредби. Опозцијата обвини дека законот е предизборен маркетингшки трик на владејачката партија и дека е жално што со него нема да бидат опфатени сите стечајци во земјава. Од владејачкото мнозинство тврдеа дека со законот ќе се реши еден горливите проблеми на ова категорија на граѓани. Законот ги подели и стечајците - едните сметаа дека измените се добри, другите законот го нарекоа селективен. Новите законски одредби наидоа на бурни реакции. Според дел од здруженијата на стечајци, измените нема да го решат проблемот на сите стечајци.
„Со стариот законот за стечајци не беа опфатени сите оние кои го загубиле работното место, и не по своја вина туку како жртви на приватизацијата. Најавеното решение е маркетиншки трик. Овие измени нема да придонесат стечајците конечно да бидат обештетени, бидејќи со нив ќе се опфатат само многу мал број на овие луѓе“, изјави неодамна Лилјана Ѓоргиевска од Здружението на стечајци Унит.
Од друга страна, пак, дел од стечајците кои беа згрижени преку Законот за материјално обезбедување од 2008 година, се задоволни од измените.
„Со ова конечно ќе се реши агонијата на овие стечајни работници. Бевме уверени дека Владата треба да најде модел како и стечајците кои не беа згрижени со законот, да бидат материјално обезбедени. Со доста разговори и преговори, Владата прифати овие луѓе со над 25 години работен стаж да бидат згрижени и конечно да се реши нивната агонија“, изјави во периодот кога се најавија измените, Стојан Стојанов поранешен претседател на Здружението на стечајци.
А токму новото законско решение, фактот што нема да бидат опфатени сите стечајци, беше причина и за протестите на дел од здруженијата на стечајци пред три дена. На протестите стечајците револтирани се судрија со полицијата, имаше и повредени, а двајца беа приведени па потоа по интервенција на Хелсиншкиот Комитет и здруженијата беа пуштени. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести