КОИ СЕ ТИЕ: Шест фирми во Источна Македонија прават милиони
Две рударски странски компании, една компанија за продажба и транспорт на нафтени деривати, ланец супермаркети, една фабрика за акумулатори и странска гринфилд инвестиција снабдувач на авомобилската индустрија се најголемите шест фирми во Источна Македонија – единствените кои можат да се пофалат дека лани направиле приход што е поголем од 50 милиони евра
Источна Македонија важи за најсиромашен и најмалку населен регион во нашата земја. Лоша инфраструктура, нема извори за производство на електрична енергија, слабо развиена индустрија. Тврдокорни, но не и бунџии. Десницата постојано алудира на „верниот исток“ иако и македонската левица постојано и без престан тука ја бара својата шанса. Етнички чист македонски регион, со ниско развиена инфраструктура и индустрија, претежно земјоделски базирана локална економија некомпетитивна и интра ориентирана. Најголем град е Штип, на страна слава одвај да живеат Кочани и Пробиштип, Радовиш држи ниво, Виница е мала но има експанзивна и силна економија, веќе се подзаборавени Берово, Делчево, Македонска Каменица и Пехчево, а Свети Николе можеби ќе ја зграби шансата со новиот автопат . Но дали е навистина така?
Сепак има и исклучоци. Неколку компании во различни дејности кои го кршат клишето за економската заостанатост на „верниот исток“. Вкупно 6 компании кои лани направиле приходи повисоки од 50 милиони евра. Меѓу нив две домашно поседувани и четири странски од кои една е гринфилд инвестиција, а другите три се аквизиции на странски фирми врз поранешни домашни гиганти.
Кои се тие?
„Саса“ е убедливо најсилната компанија во Источна Македонија, а веројатно една од најзначајните фирми во земјава. Рудник за олово и цинк на кој овие години му оди навистина добро. Лани приходот од продажба достигнал 114 милиони евра, а профитот бил фантастични 41 милиони евра. Рудниците се лоцирани кај Македонска Каменица, а фирмата која управува со нив е во Скопје. Рудниците „Саса“ се најсилната компанија во Источна Македонија, но се многу силни и на национално ниво.
“Дади компани“ е големото чудо на малата виничка економија. Со седиште во селото Јакимово оваа група од три компании лани имала приходи од 86 милиони евра и остварила добивка од околу 0,9 милиони евра. Најзначајна дејност во групата има „Дади Оил“ компанија која се занимава пред се со трговија и транспорт на нафтени деривати.
Кочанската гринфилд странска инвестиција „Амфенол“ е на трето место меѓу најголемите компании на истокот на земјава. Единствен бенефит за жителите на Кочани е што ја намали невработеноста за повеќе од 1.000 лица. Друг бенефит градот нема. Лани оваа компанија, која имал повластици, остварила приход од 70 милиони евра, а од нив 3,6 милиони евра се профит.
Следи поранешната пробиштипска индустрија за производство на акумулатори сега именувана како „Таб Мак“. Ова е најзначајната компанија за пробиштипската економија. Лани генерирала приходи од 66 милиони евра и има солидна стапка на профит. Нето добивката за лани изнесува 5 милиони евра.
Гигантот „Бучим“ единствениот македонски рудник за бакар и злато е следен на листата според остварени приходи. Оваа рударска компанија лани остварила приход од 58,7 милиони евра, а неговата добивка е 30 отсто од приходот и изнесува 17,4 милиони евра. Малку е послаб од „Саса“ во однос на профитот како дел од приходите затоа што каменичката компанија има профитна маргина од 36 отсто.
И најмал на листата според остварени приходи е најголемата штипска компанија (според приходи остварени лани н.з.). Тоа е ланецот маркети Кит Го. Оваа компанија што има супермаркети во сите градови на источниот дел од земјава, а се шири и на целата територија на земјава лани остварила приход од продажба во износ од 54,2 милиониевра, а нејзиниот профит изнесува 1,65 милиони евра.
Р.Ф.