Кои се пензионерите што на берза за еден ден заработија 3,3 милиони евра!
Идните пензионери – сегашни вработени и членови на задолжителниот пензиски фонд на „Сава“ заработија 152 oтсто од вложеното преку продажбата на сите акции кои ги поседуваат во „Гранит“ соопшти друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд на „Сава пензиско“.
„Во животот е најважно да го погодиш вистинскиот момент“ и навистина е така! Ова беше слоган на една кампања на МАПАС регулаторното тело кое ја контролира работата на друштвата кои управуваат со приватните пензиските фондови.
Моментот го погодија идните пензионери односно портфолио менаџерите на задолжителниот Сава пензиски фонд кои во име на повеќе од 226.000 идни пензионери ги продадоа акциите што фондот ги имаше во „Гранит“.
Акциите, како што веќе пишувавме, фондот ги продаде за 5,6 милиони евра, а повеќе детали има на овој линк https://faktor.mk/koj-plati-56-milioni-evra-za-akcii-vo-granit-i-zoshto-niv-gi-prodade-sava-penziski-fond
Капиталната добивка меѓу просечната куповна и продажната цена на фондот му донесе вкупен приход од 5,6 милиони евра и нето прилив од 3,28 милиони евра. Подолу е дел од информацијата што пласираше друштвото кое управува со фондовите:
Инвестирањето во акции издадени од Гранит А.Д. Скопје за сметка на задолжителниот Сава пензиски фонд започна уште во 2008 година. Исто така, и доброволниот фонд Сава пензија плус првите инвестиции во овие акции ги реализира во 2009 година што е практично првата година кога овој фонд почнува да прима уплати од своите членови.
Според нашите евиденции, просечна куповна цена за акциите издадени од Гранит А.Д. Скопје кај задолжителниот фонд е 575 денари, додека просечна куповна цена кај доброволниот фонд е 675 денари, што значи дека само врз основа на ценовни промени членовите на задолжителниот пензиски фонд од оваа инвестиција заработиле 152 отсто од вложените средства, додека членовите на доброволниот пензиски фонд заработиле 115 отсто од вложените средства.
Дополнително, имајќи ги предвид приливите по основ на дивиденди, членовите на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд управувани од Сава пензиско друштво а.д Скопје низ годините на своите сметки прокнижиле вкупен бруто износ од 306,22 мкд по акција за задолжителниот фонд, додека членовите на доброволниот пензиски фонд вкупен бруто износ од 283,22 мкд по акција.
Мора да се има предвид дека овој принос е остварен за прилично долг временски период, што е во суштина и големата предност на пензиските фондови во однос на останатите инвеститори, односно пензиските фоднови имаат доволно време да држат акции во свите портфолија и одлуките ги носат единствено врз база на долгорочните перспективи на инструиментите во кои инвестираат.
Целото соопштение со објаснување на причините за продажба на акции е достапно на следниот линк Пет прашања и пет одговори за најголемата трансакција на пензиските фондови на Сава пензиско друштво а.д. Скопје на Македонска берза | Никогаш сами
Р.Ф.foto freepik.com/khongtham
