Кои се новите кадри на ДУИ кои ќе седнат во министерски фотелји?
Од кандидатите на Демократската унија за интеграција за во владиниот кабинет, петмина се професори на Државниот универзитет во Тетово, а само една е жена.
Се работи за млади кадри, кои не се многу познати за пошироката јавност.
На позицијата на Фатмир Бесими доаѓа Арбер Адеми од Куманово, професор на Тетовскиот универзитет.
За министер за правда е предложен Валдет Џафери од Гостивар, кој долго време работел во ова министерство.
На местото на Муса Џафери, вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор доаѓа Фестим Халили. Живее во Речица, тетовско и предава на ДУТ.
На местото на министерот за економија, Беким Незири доаѓа Дритон Кучи, исто професор на ДУТ.
Министерот за образование, Абдулаќим Адеми ќе го наследи Пиштар Љутфиу. Тој во 2009 година дипломирал на Универзитетот на Југоисточна Европа, а во 2012 магистрирал на политички науки.
Шухрете Елези ќе го замени министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани. Таа од 2005 година работи во секторот за финансии и буџет во општина Гостивар.
Нурхан Изаири во Министерството за животната средина ќе го замени Башким Ахмети од општина Сарај.
Заменик-министер за транспорт и врски ќе биде Фатон Положани, роден во 1990 година, од струшкото село Делогожда, по професија дипломиран економист.
Фуркан Чако на местото министер за привлекување на странски инвестиции ќе го замени Арлинд Зекири. Тој и досега работеше како економски промотор на Македонија во Швајцарија.
Заменик министер за внатрешни работи ќе биде Агим Нухиу, кој доаѓа од општина Теарце. И тој работи како професор на ДУТ. Член е на Комисијата за заштита од дискриминација.
Гзим Беадини ќе биде нов заменик-министер за финансии. Тој е од Тетово и завршил Економски факултет на ДУТ. Претходно работел во МОН и е магистер во областа на финансии.
Неизвесно е кога ќе се одржи нова седница на Собранието, на која ќе се избираат новите министри и заменици. Од кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Велјановски велат дека до нив уште не се пристигнати предлозите од Владата за пополнување на владиниот состав.
