Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кои се најголемите компании во македонската модна индустрија?

Кои се најголемите компании во македонската модна индустрија?

Во земјава лани успешно работеле 15 компании кои произведуваат „ останата горна облека“ и при тоа оствариле приходи поголеми од 3 милиони евра. Најпрофитабилни убедливо биле скопската реномирана модна компанија „Кара“ и „Алекс 3“ од Кочани кои имаат добивки поголеми од еден милион евра лани

Модната индустријата во земјава е широко распространета и во значајна мерка се потпира на соработка со големи и реномирани странски глобални партнери за кои нашите компании работат лон или пак сорабуваат како партнери. Како и да е македонската модна индустрија е трудоинтензивна дејност која ангажира многу вработени и генерира значаен девизен прилив кој е неопходен за девизниот курс на нашата национална валута.

Меѓу најголемите домашни текстилни поточно модни компании или производители на друга горна облека има од повеќе градови. Само мит е тоа дека Штип е модниот центар на Македонија. Големи модни производители има и во Кочани, Гевгелија, Битола, Валандово и во Скопје. Секако и во Штип.

Официјалните податоци покажуваат дека лани од стотината домашни производители на горна облека дури 15 оствариле приход поголем од 3 милиони евра.

Најголем приход лани има скопската компанија „Окитекс“ и тој изнесува 6,8 милиони евра. Друштвото лани продажбата ја зголемило за 32 отсто во споредба со претходната година. Добивката за лани изнесува само 22.000 евра и во однос на претходната година бележи пад од 71 отсто. Оваа компанија има четири сопственици од кои две се странски друштва (Вестрфра ГМБх и Вестфра Глобал) и домашните „Окитекс“ и Миле Миленковски.

Според остварените приходи втора е Текстилна корпорација со седиште во гевгелиското село Негорци. Ова друштво, сопственост на двајца Грци Николаос Петрониколос и Јанис Киакос преку неговата фирма „Музунгу“) лани оствариле приход од 5,7 милиони евра и добивка од 55.000 евра што е за половна помал профит од претходната година.

Трета е штипската компанија „Лаура“ сопственост на Емилчо Андонов, со приходи од продажба кои лани пораснале за 10 отсто во однос на 2018 година и достигнале 4,7 милиони евра. Добивката на друштвото лани биле 98.000 евра.

Голем играч на модниот пазар се две гевгелиски фирми. Едната е Бенттон, а другата е НОЕЛ стар и познат македонски моден бренд. Двете се капитално врзани затоа што во нив се јавува ист сопственик – Томе Главчев. „Бенттон“ лани има приход од 4,6 милиони евра што е за 5 отсто послабо од 2018 година и добивка од 30.000 евра. Во оваа компанија единствен сопственик е Томе Главчев. Во „НОЕЛ“ сопственици се Томе Главчев преку „Бенттон“ и Наталија Чурлинова. „НОЕЛ“ лани има приход од 3,4 милиони евра што е за 4 отсто помалку од претходната година и добивка од 97.000 евра што е за 27 отсто помалку од 2018 година.

Кочанската компанија Алекс 3 е голема модна компанија која лани остварила приход од 4,4 милиони евра и тоа е речиси идентично како и во 2018 година. Друштвото во кое сопственик е Марија Јосифова лани имало профит од 1,6 милиони евра што е 12 отсто подобро од претходната година. Во оваа конкуренција лани ова е најпрофитабилната компанија.

Реномираната домашна модна компанија КАРА дел од ОРКА Холдингот е втора најуспешната домашна компанија со профит од 1,5 милиони евра лани. Приходите на „КАРА“ лани изнесуваат 3,9 милиони евра и тоа е за 23 отсто помалку од претходната година.

„Мода“ од Свети Николе е една од најдолговечните домашни модни компании. Лани нејзниот приход изнесува 3,7 милиони евра, а добивката е 113.000 ева и е за 36 отсто поголема од претходната година. „Мода“ е акционерско друштво и има повеќе домашни акционери.

Гигантот Тетекс лани книжи приход од 4,4 милиони евра и добивка што надмина половина милион евра. Кај „Тетекс“ мора да се напомене дека значаен дел од добивката не е од основната дејност туку се тоа приливи од друштвата во кои „Тетекс“ е сопственик.

Значаен учесник на пазарот е и кочанската компанија „Алма“. Лани ова друштво има приход од 3,5 милиони евра што е за 11 отсто подобро од лани. Добивката е 240.000 евра и тоа во однос на претходната година е за 41 отсто подобар резултат.

Во групата компании со приходи од 3,3 милиони евра лани биле: „Алена“ од Скопје со 3,3 милиони евра и профит 213.000 евра, Семак Фешн Компани КД од Штип со приход од 3,3 милиони евра и добивка од 18.000 евра и штипски „Албатрос“ кој завршил со профит од 79.000 евра. Валандовски „Конингтон“ годината ја заврши со приход од 3 милиони евра, а добивката била 75.000 евра. Фалко од Битола остварил профит од 57.000 евра при приходи од 3,19 милиони евра.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести