Кои се мерките и одлуките на новата Влада со кои ЕУ не се сложи во извештајот
ЕУ не се сложува со идејата на Владата да ги субвенционира извозно-ориентираните домашни компании кои покажуваат раст, бидејќи може да настане проблем со Светската трговска организација и да се загрози фискалната одржливост, се забележува во економскиот дел од извештајот што го предаде еврокомесарот Јоханес Хан.
Воведувањето на двочасовната дневна евтина тарифа за електрична енергија за домаќинствата не е во согласност со пазарните правила, сметаат од Европската комисија.Субвенционирањето на невработеноста и минималните плати во буџетот за 2018-та од страна на Владата се недоволно јасни за ЕК како долгорочно ќе се неутрализираат без да се зголемат долговите.
Фискализацијата не се почитува секаде, а судските постапки и натаму се скапи, но новата влада се труди селективноста да се надмине на ова поле, сивата економија и натаму останува голема. Интервенциите на Владата во приватниот сектор и натаму се големи, но се истакнува како позитивно изедначувањето на домашните и странски инвеститори.
Вработеноста во последниот квартал од 2017 пораснала за 1,9 проценти. Млада едуцирана работна сила е потребна во реструктуирањето на економијата, но засега таа е насочена кон работа во странство. Иновациите остануваат на ниско ниво, но Владата преку Економскиот план за развјот сака да ги доближи академските истражувања со компаниите. Вложувањата во енергетиката и транспортот остануваат на ниско ниво, а јавните инвестиции и натаму се на незадоволително ниво во структурата на буџетот.
Концентрацијата на кредитниот потенцијал останува кај три приватни банки, кои се големи во однос на преостанатите мали банки. Не се изнаоѓаат јавно-приватни партнерства, а транспарентноста во тендерската политика не е значително подобрена.
Нема повеќе доцнење и одложување на средства од државниот пензиски фонд во приватните пензиски фондови, но искористувањето на ИПАРД-програмата за финансирање останува нецелосна поради постојаните кадровски промени.
Либерализирањето на пазарот на електрична енергија треба да стане целосен, а ЕУ ги поздравува договорите со Грција и Бугарија за снабдување со гас.Кадарот и техничките капацитети не дозволуваат да се зголеми заштедата на енергија, а искористувањето на ветерот, сонцето и биомасата како обновливи извори не енергија, според комисијата, не го достигна потребното ниво.
Извештајот вели дека заводот за статистика нуди нерелевантни податоци според застарени методи и треба да се модернизира.
Се критикува и малата буџетска ставка за наука од само 0,44 отсто, но пофалена е програмата за помош при вработување на младите.
Новата Влада настојува да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација и транспарентноста на јавните трошења и долгови, сублимираат од таму.
А.К.
