Кои се коментарите на Рама, Мета и Тачи за Законот за јазици?
Албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук напиша дека усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во македонскиот Парламент претставува историско постигнување за Албанците, кој ја демократизира и зајакнува самата земја.
Албанскиот претседател Илир Мета кој е во посета на Љубљана, го поздрави донесувањето на законот за кој смета дека е значаен акт не само за Албанците, туку и за европската иднина на Македонија.
Усвојувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на Собранието на Македонија го поздрави и официјална Приштина.
Според шефот на косовската држава Хашим Тачи, тоа е „високо демократско постигнување за соседната земја, која меѓу првите ја призна независноста на Косово“.
„Унапредувањето на политичките права на Албанците во Македонија гарантира многу поголемо граѓанско и етничко единство во соседната Република. Им честитаме на албанските граѓани за ова политичко, административно и културно постигнување“- напиша Тачи на својот Фејсбук профил.
Усвојувањето на Законот, наведува, е значаен чекор од Охридскиот договор кој уште повеќе ги зајакнува соживотот и европската перспектива на Македонија.
Поддржан од 69 пратеници, Законот за употреба на јазиците денеска е усвоен во Собранието.
