КОИ СЕ ГРАДЕЖНИЦИТЕ КОИ ЈА ФИНАНСИРАЛЕ ПОБЕДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ - тие се шокирани од изјавата, а дел од нив за Фактор децидно демантираат, од надлежните институции молк
Кои се странските и домашните пари кои биле видливи на терен, а за кои, како што рече вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, дошле кај опозицијата.
Првото прашање што се поставува е од каде дошле странските пари, дали се тие од некои меѓународни финансиски институции, или, пак, од странски компании, банки, или, пак, од некои политички организации. Или, пак, тие пари се на некој начин поврзани со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој има статус на азилант во една странска држава.
Од најповиканите институции не успеавме да добиеме коментар, а дел од градежниците демантираат дека воопшто им барале и дале средства.
Дали нашите институции знаеле за овие пари, како реагирале кога тие пари влегле во земјава, дали навреме и кај кого било алармирано, и дали сето тоа се одвивало по законските канали за влез на финансиски средства во земјава.
Кога станува збор за домашните бизнисмени, пак, се поставува прашањето кои се тие газди на градежни компании кои и давале пари на опозицијата, зошто тоа го правеле, и кои се нивните финансиски и политички идни интереси заради кои се решиле токму на овие локални избори да ја финансираат опозицијата.
Она што се знае е дека за време на мандатот на градоначалниците на СДСМ имаше мораториум за градење на териториите на две скопски општини, па се поставува прашањето дали тие градежни компании што биле засегнати, имале мотиви да ја финансираат опозицијата.
Еве што точно вчера кажа Заев по лошиот резултат од локалните избори и давањето на оставката.
„На овие избори на терен видливи беа многу пари на терен, кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“, рече премиерот Заев.
Фактор утрово се обиде да стапи во контакт со службите за информирање во СДСМ, да дадат попрецизно објаснување на кои и какви пари мислел конкретно нивниот прв човек, кои не успеавме да ги добиеме.
Се обидовме да стапиме во контакт и со вицепремиерот Љупчо Николовски задолжен за борба со корупцијата, но не успеавме да го добиеме на телефон. Се јавувавме и кај Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи и потпретседателка на СДСМ, со цел да дознаеме дали институцијата со која раководи имала сознанија за вакви средства, но и таа остана недостапна. Сакавме да разговараме и со Арафат Муареми, директор на Финансиската полиција, бидејќи таа институција има контрола и на банкарските трансакции кои се одвиваат во земјава, но и тој не беше достапен за телефонски разговор.
Разговаравме и со Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, од каде за Фактор велат дека станува збор за тешко обвинување, кое за нив, кога ја слушнале изјавата на премиерот Зоран Заев, делувало како вистински шок.
„Крајно сме изненадени од ваквото обвинување на градежната фела, и ова не е прв пат градежниот бизнис да биде злоупотребуван за политички цели. Ние немаме ниту официјални, ниту неофицијални информации од каде дојде до овие обвинувања. Во наредните денови ќе имаме разговори, за да добиеме сознанија од каде се овие информации на премиерот“, велат за Фактор од Здружението за градежништво.
Се очекува и официјален став од комората.
Успеавме да стапиме во контакт со Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежната компанија „Адора“, за тоа дали има евентуално сознанија кои се тие градежни компании.
Ванчо Чифлиганец за Фактор кусо одговори дека ниту му барале, ниту нудел, ниту дал пари на било која политичка партија.
„Ниту ми барале, ниту сум нудел, ниту сум давал финансиски средства на било која политичка партија. Јас само барам од институциите на државата рамнопрвен третман. Јас така егзистирам 30 години во бизнис заедницата“, е кусиот одговор кој го добивме од Чифлиганец.
Додава и дека веќе четири години не работи во секторот на градежништвото.
За тоа, пак, дали тоа го направиле други компании, вели дека воопшто не може да коментира.
Разговаравме и со аналитичарот Алберт Муслиу, дали можеби има сознанија за ваква појава. Тој вели дека апсолутно не знае за какви пари од надвор би можело да станува збор.
„Реално не знам, навистина“, вели Муслиу.
Кога станува збор, пак, за градежните компании, смета дека тоа би можеле да бидат „еден куп градежни компании“.
„Како што знаеме, имаше мораториум за градење во две скопски општини, а кога има мораториум за градење, тоа ги погаѓа градежниците“, смета Муслиу.
Овој аналитичар вели и дека кога станува збор за парламентарното мнозинство, Аријанит Хоџа од Беса вчера изјави дека ќе седнат и ќе разговараат со коалициониот партнер, и ако важат истите правила, соработката проидолжува, така, што, според Муслиу, мнозинството во парламентот не е спорно.
„Но, околу оставката на Заев и како ќе се одвиваат работите, се ќе биде многу појасно во следниве неколку дена“, објаснува Муслиу во разговор за Фактор.
Нина Нинеска-Фиданоска
