Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кои се господарите на трговијата со струја

Кои се господарите на трговијата со струја

Најголемите 10 фирми кои тргуваат со електрична енергија и се присутни во земјава лани оствариле кумулативен приход поголем од 430 милиони евра. Најголемите пет трговски компании присутни на нашиот пазар се странски. Меѓу нив нема ниту една домашна фирма откако лани Кочо Анѓушев ја продаде својата компанија ЕДС на грчкото електростопанство. Податоците покажуваат дека лани годината била тешка за мноштвото трговски компании и дека големи биле само приходите, но не и добивките.

Трговијата со електрична енергија е бизнис во кој се вртат големи пари. Тоа е глобална игра на големи играчи во која тешко се изборува место под сонцето од едноставна причина што пазарот е либерализиран и на него се присутни големи регионални и европски компании од кои голем дел се производители на електрична енергија и трговци со струја. Во најголемите трговски компании речиси и да нема домашна фирма особено откако лани вицепремиерот и специјалист за трговија со електрична енергија Кочо Анѓушев одлучи да ја продаде својата компанија ЕДС на грчкото електростопанство.

 ГЕН И продажба на електрична енергија е трговска компанија со најголем приход од трговија со електрична енергија на македонскиот пазар. За да се долови правилнот контекст важно е да се истакне дека главната деловна операција на оваа компанија е транзитот со електрична енергија низ македонската преносна мрежа. Најчесто транзитот е кон соседна Грција особено за потребите на долгата и доходовна летна туристичка сезона. Лани македонската филијала на словенечкиот производно-трговски гигант ГЕН-И остварила приход од 147,3 милиони евра и остварила добивка од 347.000 евра.

Втора на листата е сега веќе грчката државна компанија Електрисити деливери солушнс (ЕДС), поранешната фирма на Кочо Анѓушев. Оваа компанија која од лани е сопственост на грчкото државно електростопанство ПиПиСи (PPC) оствари приход од продажба во вредност од 81,6 милиони евра и профит од само 22.500 евра.

Трета на листата, очекувано е фирмата ќерка на ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Оваа компанија лани остварила приход од 43,1 милиони евра, а годината ја завршила со загуба од 1,5 милиони евра што е доказ дека и покрај многу кумулирано знаење и добро планирање во трговијата со струја можат да се случат неочекувани неповолни ситуации.

Следна голема трговска компанија е ЕВН Трејдинг, филијала на бугарската компанија ЕВН трејдинг Саут Ист Јуроп со седиште во Софија. Оваа компанија лани од трговија со струја остварила приход од 37,6 милиони евра, а годината ја завршила со загуба од 2.500 евра.

И петтата компанија во најголемата петорка е Алпик Енергија филијала за трговија на најголемата швајцарска производна компанија „Alpiq“. Македонската „Алпик енергија“ лани остварила приход од 35,3 милиони евра и добивка од 27.000 евра.

Шеста на листата е првата компанија поседувана од физичко лице иако странско. Станува збор за „Грин енерџи Трејдинг“ компанија на Вирон Василеиадис. Оваа трговска фирма лани направила промет од 20,7 милиони евра и профит од половина милион евра. Тоа ја прави најуспешна компанија во бизнисот со трговија со струја лани на македонскиот пазар.

Пан Интертрејдинг е следна на листата со најголем приход лани и втора со сопственици физички лица. Оваа фирма , сопственост на две лица Градимир Пантиќ и Стефка Аспарухова Трифонова лани остварила приход од 19,8 милиони евра и завршила со добивка од 9.000 евра.

Следува Интер Енерго филијала на истоимената словенечка енергетска компанија. Лани оваа фирма остварила приход од 19,7 милиони евра и завршила со загуба од 80.000 евра.

Во најголемите 10 компании на нашиот пазар е уште и ЕФТ компанија која е пионер на македонскиот пазар уште од далечната 2005 годинасо приход од 14,3 милиони евра и добивка од 76.000 евра. И последна во големата десетка е бугарска трговска филијала на „Джи Пи Енерџи ЕООД“ која во земјава работи под име Тетра ДООЕЛ. Лани оваа компанија остварила приход од 12,9 милиони евра, а профитот изнесува 202.000 евра.


Р.Ф.

Слично

Поврзани вести