Кои осум земји од ЕУ го блокираат отворањето нов кластер за Србија?
Осум земји од Европската Унија(ЕУ) го блокираат отворањето нов кластер за Србија.
Србија не доби зелено светло за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори со Европската Унија, откако осум земји членки се спротивставија на понатамошен напредок на Белград кон членството.
Според неофицијални информации од дипломатски извори, против отворањето на новиот кластер се изјасниле Холандија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Шведска, како и трите балтички држави – Естонија, Латвија и Литванија.
Главните забелешки се однесуваат на состојбата со владеењето на правото, реформите во правосудството, медиумските слободи и недоволното усогласување на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучително и одбивањето да воведе санкции против Русија.
Дополнително, Данска и Луксембург изразиле резерви, оценувајќи дека Белград сè уште не покажал доволен напредок во борбата против корупцијата, усогласувањето со европската политика кон Русија и гарантирањето на слободата на медиумите.
Иако Европската комисија на состанокот оценила дека Србија исполнила дел од потребните услови и направила одреден напредок, повеќето земји членки не ги прифатиле тие аргументи. За отворање на кој било од шесте преговарачки кластери е потребна едногласна поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ.
Прашањето за отворање на Кластерот 3 повторно би можело да се најде на дневен ред на следниот состанок на Корепер, како и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 јули.
