Кои општини ќе ги посети мобилниот даночен шалтер на УЈП?
Мобилниот даночен шалтер на Управата за јавни приходи месецов ќе посети десетина општини во Македонија, од кои повеќето се рурални.
Според возниот ред објавен на веб страната на УЈП, на 5 април ќе ја посетат општина Карбинци, на 8 Ѓорче Петров, на 12 општина Долнени, 13 Чашка, 14 Лозово, на 15 Кривогаштани и Зрновци, на 18 Липково, 21 Лозово, 22 Житоше и на 28 април Дебреште.
Посетите ќе се реализираат во период од 10 до 15 часот пред општинските згради во наведените општини.
Со трите специјално опремени комбиња, даночниците секој месец ги посетуваат населените места каде УЈП нема постојани даночни канцеларии, како и локации кои дополнително можат да се утврдат во соработка со општините и потребите на локалното население и бизниси.
Граѓаните и фирмите, без да го напуштат своето место на живеење, можат да ги добијат сите даночни услуги и информации преку мобилните шалтери, да ги достават сите видови на даночни пријави, барања, но и да ги подигнат сите документи што ги издава Управата за јавни приходи.
