Кои нерегуларности ги забележа МОСТ на стартот на гласањето?
Еден час по отворањето на гласачките места, набљудувачите на МОСТ пријавиле неколку нарушувања на изборниот процес.
Во општина Свети Николе лица во дворот од здравствениот дом ги евидентирале граѓаните кои влегуваат на гласачкото место. Во истата општина, но на друго гласачко место било забележан пропаганден материјал во близина на местото за гласање.
На едно гласачко место во општина Центар член на избирачкиот одбор ги читал на глас имињата на гласачите. Во општина Тетово едно гласачко место е отворено со задоцнување од 10 минути поради доцнење со процедурата на подготовка за отворање. Доцнење имало и во едно гласачко место во Демир Хисар, бидејќи на кутијата за гласање пишувало „парламентарни избори“.
Граѓанската асоцијација има 580 набљудувачи, кои покриваат повеќе од 15 проценти од избирачките места во Македонија.
Во однос на предвременото гласање, односно гласањето на болни и немоќни лица кое беше набљудувано од страна на 55 набљудувачи на МОСТ, забележани се следните нерегуларности:
- нарушена тајност на гласање
- ИО од гласачко место 0112, општина Битола; ИО од гласачко место 1848, општина Струга; ИО од гласачкото место 2844/1, општина Центар со себе не ја носеле гласачката кутија.
- ИО од гласачко место 0121, општина Битола и покрај пријавените 4 гласачи со себе го земал целиот кочан со гласачки ливчиња, гласале тројца а ИО не го поништил неискористеното гласачко ливче и истото останало на кочанот.
- ИО од гласачко место 1404, општина Прилеп не бил соодветно запознаен со процедурата за гласање на болни и немоќни лица, односно не знаел дали треба да се става печат на гласачкото ливче и дали може да се гласа со пасош. По консултација со ОИК, започнал да ја спроведува процедурата согласно законот.
Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, МОСТ ја отвори бесплатната телефонска линија 080 080 080.
Слично
