Кои категории граѓани се најсиромашни во Македонија?
Над една петтина од населението во земјава е сиромашно. Најпогодени се семејствата со повеќе деца.
Државниот завод за статистика(ДЗС) ги објави најновите податоци за 2024 година кои откриваат дека стапката на сиромаштија во Македонија изнесува 21,9 проценти. Ова значи дека повеќе од една петтина од населението живее со приходи кои се под дефинираниот праг на сиромаштија.
Според официјалните пресметки, прагот на сиромаштија за едночлено домаќинство е утврден на 178.286 денари годишно. За четиричлено домаќинство составено од двајца возрасни и две деца помали од 14 години, овој праг изнесува 374.400 денари на годишно ниво. Статистиката покажува дека доколку се исклучат социјалните трансфери и пензиите од приходите на граѓаните, стапката на сиромаштија во земјата би се искачила на 39,4 проценти.
Најлоша е состојбата кај многудетните семејства и самохраните родители. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија изнесува 54,8 отсто. Слична е состојбата и кај самохраните родители каде процентот на сиромашни изнесува 45,8.
Анализата покажува дека невработените се во највисок ризик со стапка од 45,7 проценти. Кај вработените лица оваа стапка е значително пониска и изнесува 7,9 отсто, додека кај пензионерите сиромаштијата е застапена кај 12 проценти.
