Кои директори на банка меѓусебе поделија 826.000 евра плати и награди?
Земал ли Хари Костов половина милион евра плата, награди и други погодности во најуспешната година на „Комерцијална банка“ под негово водство? Ова прашање може да си го постави секој акционер читајќи го годишниот извештај на банка во кој пишува дека тој со уште два члена на Управниот одбор лани добиле 826.000 евра од плата, плата за деловна успешност, надоместоци, награди, регрес, новогодишен надоместок и менаџерско осигурување
Хари Костов, Маја Стевкова Штериева и Илија Илоскисе членовите на Управниот одбор на „Комерцијална банка“ кои добија плати, надоместоци, награди, регрес, новогодишен надоместок и менаџерско осигурување во износ од 826.000 евра, објавено е во Годишниот извештај на таа банка за работењето во 2018 година.
Според официјалните податоци вкупниот износ што го добиле тројцата членови на Управниот одбор се состои од фиксен дел и од варијабилен дел. Фиксиот дел изнесува 57.470 евра, а варијабилниот дел е 258.530 евра. Иако не е наведено многу е веројатно дека варијабилниот дел е награда за членовите на Управниот одбор односно бонус за исклучително успешната година на „Комерцијална банка“ во која друштвото оствари добивка од 30 милиони евра, а во дивиденда на своите акционери ќе подели над 15,5 милиони евра од таа добивка. Најуспешната деловна година „Комерцијална банка“ ја оствари лани под водство на триото Костов – Стевкова Штериева – Илоски.
Во годишниот извештај не е наведено поединечно колку заработил секој од членовите на Управниот одбор на најголемата банка поседувана од домашни акционери. Во извештајот е наведено дека овие три лица добиле 826.000 евра и дека вкупно 55 лица на раководни т.е. менаџерски позиции во банката добиле вкупно 2,5 милиони евра во плати и награди и други поволности за успешно работење. Ова значи дека другите 52 раководни лица ,откако ќе се одземат тројцата членови на Управниот одбор, добиле 1,679 милиони евра што секако дека е податок за респектирање. Просечно пак на секој од тројцата членови на Управниот одбор му биле исплатени по 275.330 евра што реално гледано не е точен податок затоа што огромна е веројатноста дека Хари Костов, извршниот генерален директор на банката има највисока плата и најголем бонус. Но „Комерцијална банка“ никогаш до сега не ги објавила податоците за секој член на Управниот одбор поединечно иако тоа го бара Законот за трговски друштва.
Дали е ова во согласност со член 384 став 7 од ЗТД?
Без да коментираме, во интерес на целосно и објективно информирање го цитираме делот од став 7 од член 384 од ЗТД што ја уредува содржината на Годишниот извештај: „Во годишниот извештај на друштвото се објавуваат и примањата на секој извршен член на одборот на директори и на член на управниот одбор (плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права), односно надоместокот на неизвршните членови на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор.“
„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста во јуни 2017 година го праша менаџментот на „Комерцијална банка“ зошто не го почитува доследно членот 384 став 7 од ЗТД. Одговорот што го добивме од банката тогаш го повторуваме во целост:
- Начинот на кој Комерцијална банка ги има објавено податоците во Годишниот извештај претставува долгогодишна практика, односно на ваков начин се известува од моментот на измена на Законот за трговски друштва (ЗТД) и досега не било доведено во прашање транспарентното известување. Овој извештај како таков ги има поминато сите нивоа на известување и одлучување, вклучувајки и негово усвојување од страна на Собранието на акционери. Во истовреме напоменуваме дека ваквата воспоставена практика не ја исклучува можноста од промена на истата и вклучување на подетални информации во Годишните извештаи во иднина, стои во одговорот на Комерцијална банка.
Година и девет месеци по тоа нема никаква промена во известувањето во годишните извештаи на банката.
Р.Ф.