„Коха“: Со една виза ќе се патува во сите земји од Западен Балкан
Шест земји од Западен Балкан би можеле да го потпишат договорот за „Мини Шенген“ со кој се дозволува непречен влез, транзит и краток престој уште ова лето во Берлин, објави „Коха“.
Тоа исто така би имплицирало на слободно движење на државјани на трети земји низ регионот, на кои еден од потписниците им издал виза. Така, на пример, секој што доаѓа од земји надвор од Западен Балкан и на кого Косово или Албанија им издава виза, може да влезе и да остане во Србија без никакви пречки.
Приштинскиот весник Коха објави нацрт договор, без откривање на авторот, тврдејќи дека Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово можат да потпишат договор за слободно движење на граѓаните со биометриска лична карта.
Потписите, тврди Коха, треба да бидат ставени за време на следниот самит во рамките на Берлинскиот процес, што беше инициран од германската канцеларка Ангела Меркел, ова лето во Берлин. Планирано е да стапи на сила на 1 јануари 2022 година.
- Граѓанин на една од страните може да влезе на територијата на другата страна, во согласност со овој договор, под услов: да има важечка биометриска лична карта со важност од најмалку три месеци, без забрана за влез и престој на територијата на другата страна, не претставува безбедносна закана или јавно здравје на другата страна, потврдена со објективни, конкретни и релевантни информации и податоци, како и со податоците на надлежните органи - се наведува во нацрт-договорот, кој беше објавен од Коха.
Дел од договорот се однесува на движењето на граѓаните на земјите надвор од Западен Балкан, и издавањето визи.
- Државјаните на трети земји од кои се бара виза за влез на територијата на сите договорни страни можат да влезат на територијата на секоја договорна страна врз основа на важечка виза издадена од една од страните на Договорот. Во согласност со домашното законодавство - е дел од нацрт-договорот.
Земјите од Западен Балкан, секоја од свои внатрешни причини, немаат единствена визна политика и како што тврди Коха, нацртот на овој документ изразува посветеност на усогласување на визните политики.
