Кога нема Руси, добри се и Американците!
Американските туристи би можеле оваа година да ги заменат руските на хрватското крајбрежје кое, поради силниот долар, на Американците им станува уште поефтино. На Хрватите јакнењето на доларот им иде во прилог поради тоа што на Американците нивната земја им станува поефтина онолку колку што доларот зајакна.
„На Американците сметавме и пред ваквиот развој на настаните со доларот. Посетата од таа земја во последните неколку години расте и се бележи двоцифрено, вели хрватскиот министер за туризам Дарко Лоренцин, кој потсетува дека во јуни стартуваат и директните авиолетови од Торонто за Загреб.
Слично е и со Канаѓанците кои заедно со Американците минатата година на хрватскиот туризам му донеле речиси милион ноќевања. Со ова се задоволни и хотелиерите кои се надеваат дека се побројните Американци би можеле да надоместат на недостатокот од Руси.
„Едноставно со силниот долар на Американците им стануваме поповолни, а тогаш и поконкурентни“, вели Жељко Милетиќ, директор на хотелот Лапад во Дубровник, кој традиционално е омилена дестинација на американските туристи.
Силна е и фунтата така што истото важи и за британските гости. Руси ќе има значајно помалку така што и тоа како ни е потребен секој нов гостин, заклучува Милетиќ.
Хрватска, инаку, минатата година ја посетиле нешто повеќе од 266 илјади туристи со американски пасош, 17 одсто повеќе од годината пред тоа, а ако продолжи тој тренд во 2015, би можело да бидат и до 30 илјади повеќе.
