Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОГА НЕБОТО Е ЛИМИТ, ГРАНИЦИ НЕМА: Колкави плати земаат во државната М-Нав!?

КОГА НЕБОТО Е ЛИМИТ, ГРАНИЦИ НЕМА: Колкави плати земаат во државната М-Нав!?

Дури 70 отсто од сите приходи на државната М-Нав, македонски монопол за давање услуги во воздухопловната навигација, одат за плати на вработените! Верувале или не, излегува дека просечно месечно бруто плати и други лични примања по вработен изнесуваат над 3.000 евра односно над 187.000 денари. 

М-Нав е македонската државна компанија што го контролира македонското небо во смисла на воздухопловна навигација. Оваа компанија има 271 вработено лице на крајот на 2015 година, покажуваат официјалните податоцо од извештајот на независните ревизори за 2015 година. Компанијата лани имала вкупни приходи во износ од 873 милиони денари односно 14,15 милиони евра и најголем дел од тие пари се приходи од прелети на македонското небо.

Оваа компанија има овластување од државата Република Македонија да го одржува редот на македонското небо и да ги организира и диспечира прелетите. Токму за тоа и наплаќа такси од сите оние авиокомпании чии воздухоплови прелетуваат низ нашата воздушна територија.

Она што влегува во очи кога се разгледуваат билансите на М-Нав се трошоците за плати и други лични примања, како што , цитираме, е називот на ставката во билансот. Тие за минатата година изнесуваат 611,11 милиони денари односно 10 милиони евра и во споредба со износот за 2014 година се повисоки за 57 милиони денари односно околу 950.000 евра. М-Нав и лани и преклани има ист број на вработени односно 271 лице.

Тоа значи дека лани нивните плати и други лични примања се зголемиле за речиси еден милион евра и достигнале 10 милиони евра. Билансот покажува дека лани дури 70 отсто од целите приходи биле потрошени за платите и другите лични примања на вработените во М-Нав. Наспроти нив , во 2014 година за трошоци за плати и други лични примања биле потрошени 64 отсто од вкупните приходи на компанијата. Просекот покажува дека за секој вработен фирмата лани на годишно ниво издвоила 2,25 милиони денари односно безмалку 40.000 евра! Просечно месечно во бруто износ за секој вработен М-Нав плаќа над 3.000 евра односно 187.000 денари.

Колку пари носи македонското небо?

Лани оваа компанија од прелети остварила приходи во износ од 764,23 милиони денари. Тие се пониски за 16,5 милиони денари во споредба со 2014 година. Дополнително на тоа компанијата инкасирала 97,23 милиони денари приходи од слетување, контрола на летање и од осветлување. Овие приходи во споредба со 2014 година се повисоки за 16 милиони денари. Добивката што лани ја остварила М-Нав изнесува 93,5 милиони денари (околу 1,55 милиони евра) и во споредба со 2014 година е незначително повисока за 1,5 милиони денари. Многу е веројатно дека оваа компанија добивката ќе ја пренесе како дивиденда на својот единствен акционер Владата на Република Македонија што е вообичаена пракса.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести