Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кога е идеално време младите да почнат да ја планираат својата кариера?

Кога е идеално време младите да почнат да ја планираат својата кариера?

Иако уште во раните години децата имаат идеи со кои професии би сакале да се занимаваат, сепак при изборот на средно училиште веќе треба да имаат попрецизна слика и да ја планираат својата кариера. Кариерниот советник Ленче Томова вели дека изборот на кариерен пат не е еднократна одлука, туку постепен процес на созревање. Како што објаснува не постои „идеална“ возраст кога младите треба строго да го трасираат својот кариерен пат, туку постојат фази во кои тие постепено ја градат таа одлука.

„Во нижите одделенија, (основно) децата природно покажуваат интереси и афинитети – што сакаат да цртаат, со што сакаат да си играат, кои предмети им се интересни. Развиваат интереси („сакам да бидам доктор, уметник, наставничка, балерина, полицаец“). Експериментираат преку игра и учење. Тоа се само први насоки и не треба да се сфаќаат како конечен избор. Во основното образование (посебно од 6–9 одделение), веќе е добро да се поттикнуваат да размислуваат за своите способности, интереси и вредности. Ова е период кога можат да се запознаат со различни професии и да добијат поширока слика за можностите. Клучниот момент доаѓа пред запишување во средно училиште, бидејќи тогаш се прави првиот пореален избор. Ученикот избира тип на средно (стручно или гимназиско образование). Се земаат предвид интересите и способностите. Но, важно е да се нагласи дека ова не е конечна одлука – туку насока. Цел: да се избере правец што отвора повеќе можности, не да се „заклучи“ иднината“, објаснува Томова.

Таа додава дека средното образование е најважниот период за реално планирање. Младите веќе се позрели и тоа е најсоодветното време посериозно да го планираат својот кариерен пат.

„Тогаш треба да ги анализираат своите интереси и способности (преку предмети, пракса, курсеви),  истражуваат конкретни факултети или професии, размислуваат за можности за вработување, и можат да носат информирани одлуки за понатамошно образование.  Затоа, најреално е да се каже дека: пред средно се поставува правецот, а во средно се прави поконкретно и посериозно кариерно планирање. Најважно е младите да разберат дека изборот не е неповратен. Денес, многу луѓе ја менуваат професијата, се преквалификуваат и учат нови вештини. Затоа, наместо рано „заклучување“, поважно е да се развиваат љубопитност, флексибилност и желба за учење“, кажа Томова.

Планирањето на кариерата продолжува на факултет и раниот професионален живот, каде што студентите го тестираат својот избран пат преку обиди за работа. Кариерата може да биде динамична и да бара постојано прилагодување. Кариерните одлуки понекогаш се под влијание на родителите, наставниците, општеството и слично, но важно е поединецот добро да размисли со што сака да се занимава и во која сфера би дал најдобри резултати.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести