Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кога бунтот ја победува бруталноста!

Кога бунтот ја победува бруталноста!
“Кога граѓанското достоинство на младиот човек ќе биде погазено, мора жестоко да се одговори за да агресорската страна ја препознае граница на својата бруталност и да се сети на последиците од злоупотребата на својата моќ. На студентскиот гнев изразен на соодветен начин не смее да се одоговри со демонстрирање на сила, стигматизација и категоризирање меѓу одговорните за казниви престапи и кривични дела. Во овој момент клучно е да се избориме за декриминализација на студентскиот револт”-порачува студентот Јованчевски. Бранот на студентскиот револт, кој пред неколку месеци успеа да ги пробие медиумските насипи, беше најава за плимата на граѓанското незадоволство-вели за Фактор,  Андреј Јованчевски- еден од најактивните членови на Студентскиот пленум. Според него, првично критиката беше насочена кон пропагандата и воведувањето на новите законски одредби кои ги загрозуваа квалитетот на високото образование и базичните академски вредности, а истовремено беа конфликтни во однос на повисоките законски акти. Подоцна, додава студентот,  со прогласувањето на универзитетот за автономна зона, беше демонстиран модел на политичко здружување и дејстување што претендираше да ја подрие политиката на каприциозни фасадни интервенции во јавниот простор и да постави вредносна парадигма опозитна на онаа устоличена во органите на власта. Потоа, додава тој, следуваше  брутален одговор на бунтот преку медиумите и службите за безбедност, но масовните протести продолжија за да разголат една суштествена вистина: дека политичката логика на власта и на освестените граѓани се тотално дивергентни. Во тоа разидување  според него, треба да се лоцира и главниот проблем: неможноста да преговараат и соработуваат две страни со потполно различни претстави за распределбата на политичката моќ и одговорност. “По растајнувањето на скриените мотиви за овој и сличните авторитарни политички гестови со кои директно беа предизвикани и претставниците на останатите слоеви на образовниот систем, на отпорот колективно му се придружија и наставниците и средношколците, свесни за опасноста од изолирано противење на мерките што го засегаат единствено нивниот потесен контекст и предмет на интерес. Со таквата диверзификација, движењето прерасна во граѓанска иницијатива која протестира за општество ослободено од партиските притисоци, избавено од информативната монолитност и пристрасност на медиумите и сервилноста на јавниот сектор кон политичките и економските елити, имуно на обидите за злоупотреба на делегираните општествени функции. Како се развиваше бунтот По Студентскиот пленум се надоврзаа Професорскиот пленум и други обединети граѓански движења непроголтани од партиските Сцили и Харибди, но и кај самите студенти природно се наметна потребата од еволуција на целите и методите на протестирање”-вели студентот Андреј Јованчевски. 10801637_898276886851375_6146932451105452821_n Изградбата на стабилен и целесообразен образовен систем, објаснува тој, е проект од којшто со години се оддалечуваме благодарение на корумпираноста на значителен дел од академската заедница и вмешателството на централната власт преку штетни реформи. Во областа на високото образование  смета дека е најважно е да се воспостави автономија на јавните високообразовни институции и да се децентрализира универзитетската управа, овозможувајќи транспарентност и учество на живото студентско движење во создавањето на внатрешните политики. “Станува збор за една од најблагородните задачи на секое општество, но благородноста е премногу висок праг на мотивација за оние чиишто одлуки се раководени единствено од личниот политички и финансиски интерес. Сè додека стапката на профит што може да се оствари ги диктира образовните политики, ќе продолжи падот на образовниот, а преку него директно и на општествениот стандард. Со ова треба да започне редефинирањето на улогата на образовните институции во општеството: гнезда на дивата свест која слободно го определува сопствениот идентитет и ја гради својата општествена позиција, наместо фарми на припитомената послушна свест под наем на приватниот и партискиот капитал. Но јаремот нема да биде сосема отфрлен, сè додека не им се овозможи еднаков пристап до знаењето на сите млади луѓе преку воведување на “радикални” мерки како бесплатно образование, изградба на пристојни студентски живеалишта, повисоки стипендии и бесплатен пристап до јавните услуги за сите студенти за да се еманципираат економски и културно од потесното окружување кое неретко под притисок ги диктира нивните навики и ги моделира нивните потреби”-потенцира студентот. Култура на протетсти Целата општествено-политичка слика според него,  создаде  култура на протест при нарушување на граѓанските права која  интензивно се разви во последните месеци, особено кај младите луѓе, а тоа е сигнал дека критичката свест е во подем. Сепак, соочен со бруталниот одговор на институциите и амбисалниот проблем на физичкото време во кое, освен активизмот, треба да се сместат и учењето, одморот, културниот и социјалниот живот, младиот човек често се чувствува резигнирано. Тој не го поима демонстрирањето незадоволство како цел за себе и затоа предупредува дека граѓанскиот протест на јавен простор на улиците, во парковите, пред државните институции е сериозен политички чин кој не смее да прерасне во панаѓур или карневал, туку треба јасно да ги посочи проблемите од кои извира незадоволството и да предложи решенија во чијашто подготовка секој учесник дава придонес и е подготвен да ја преземе одговорноста за нивното потенцијално спроведување. 11263140_992073224138407_7747112427574297381_n Младиот човек што учествува во граѓанските движења со право се гневи кога од него се очекува да ја формулира својата критика единствено во негативни категории, што е она што не чини и не треба да се прави. Нему треба да му се остави простор да ја афирмира својата визија за тоа какво треба да биде новото општеството што треба да се прави”-смета Јованчевски. Нема услови за дијалог Во овој момент, додава тој  не постојат соодветни услови за дијалог меѓу студентите и надлежните институции, поради што студентите  и ги напушија преговорите со Министерството за образование и наука. Студентските права вели се надградба на граѓанските, па логично е кога овие ќе бидат нарушени вниманието да биде насочено првенствено кон нив. По надминувањето на политичката криза и обезбедувањето на потребните услови, од Студентскиот пленум очекуваат изготвувањето на текстот на новиот ЗВО да  се реактивира. “Компромисните решенија во тој процес тешко ќе бидат постигнати без суштински отстапки од намерите на двете страни. Централната власт треба доброволно да им го отстапи на академските чинители уредувањето на академскиот организам, бидејќи унверзитетот – според најзначајните меѓународни декларации – треба да ужива нормативна автономија како специфичен општествен сегмент морално и интелектуално независен од сета политичка власт и економска моќ. Конечно, дури и создавањето на добар законски текст ќе биде само неодговорен тест пред извршната и судската власт, бидејќи правото што номинално се поседува, но не може да се оствари е само фикција”-нагласува Андреј Јованчевски. Притискањето на политичкиот авторитет врз студентот да се воздржи од коментирање на политичкиот контекст и дејствување во одговор на увидените предизвици, според него  е обид за негова десубјективизација. На истиот  потенцира студентот, треба да се одговори токму со активно учество во непристраното оценување на спроведените или предложените политики на сите политички платформи и со градење на независна позиција од која ќе се пласираат идеите за општествени промени на студентското движење. “Кога граѓанското достоинство на младиот човек ќе биде погазено, мора жестоко да се одговори за да агресорската страна ја препознае граница на својата бруталност и да се сети на последиците од злоупотребата на својата моќ. На студентскиот гнев изразен на соодветен начин не смее да се одоговри со демонстрирање на сила, стигматизација и категоризирање меѓу одговорните за казниви престапи и кривични дела. Во овој момент клучно е да се избориме за декриминализација на студентскиот револт”-порачува студентот Јованчевски. С.Б.
Слично

Поврзани вести