Кое ќе биде новото име на СПЦ и какво влијание ќе има врз Македонија?
Црковното водство на СПЦ планира наскоро да изгласа нов црковен Устав со кој ќе се воведат повеќе новини меѓу кои и додавка на името на Српската православна црква со цел да се наврати и посвети на старите корени, а со тоа да има и поголемо влијание врз поголема група на верници кои некогаш потпаѓале територијално под таа јурисдикција.
Официјалниот назив на Српската црква ќе биде Српска православна црква – Пеќка патријаршија, а процедурата за избор на патријарх ќе биде поедноставена и тој ќе се бира со тајно гласање со обврзно двотретинско мнозинство владици.
Досегашната пракса на „апостолска жрепка“, случаен избор на еден од три коверти со имиња на кандидатите, се укинува.
Тоа се најважните новини предвидени со предлогот за нов Устав на СПЦ, објави српскиот весник „Новости“.
Важна промена е и тоа што избраниот кандидат за поглавар ќе се нарекува и Патријарх на српските и поморски држави, Архиепископ пеќки и митрополит белградско карловачки, наведува весникот кој имал увид во текстот на уставот.
Иако засега изрично не е наведена Македонија во црковната јурисдикција на СПЦ-ПП со множината на зборот „српски“ држави сосема извесно е дека во некој нареден период ќе се направат и такви обиди, додека пак за поморски држави веќе е јасно дека се алудира на Црна Гора.
Според новиот устав на СПЦ, 13 епархии ќе станат митрополии, а новиот устав најверојатно ќе биде усвоен на седница на Светиот архиерејски собор во средината на мај.
Со промените се објаснуваат желбите да се зајакне врската со нејзиното историско седиште во Пеќката патријаршија, но и со Косово каде има дел на нејзина јурисдикција, наведува весникот.
