Коѕијас од Белград за името: Двете страни нема да добијат се
Грчкиот министер за надворешни работи на денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград истакна дека спорот за името со Македонија може да се реши со компромис кој ќе го направат двете страни за што веќе е направен чекор напред.
- Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се, изјави Коѕијас по средбата со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Шефот на дипломатијата на Србија, пак, рече дека директните разговори и барањето заеднички интереси се најделотворен начин за отстранување на проблемите „кои задираат во минатото, традицијата и историјата на регионот“.
Истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори неговиот повеќепати искажан став дека признавањето на Македонија под уставното име бил „непромислен потег“ на Белград.
Според Дачиќ, однесувањето на Македонија кон Србија „не било адекватно“, посочувајќи го македонското признавање на независноста на Косово.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас вечер од Белград доаѓа во Охрид каде што утре ќе има средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
