Кочовски од Макстил оди во Брисел да бара укинување на квотите
Д-р Митко Кочовски, економскиот директор на Макстил, е македонскиот претставник на челичната индустрија кој во Брисел ќе ја убедува ЕУ да ги укине високите царински давачки за овој метал штом ќе истече ограничената квота.
Денеска таму, покрај Кочовски, ќе замине и еден владин претставник од Македонија кој ќе треба да аргументира дека оваа мерка е штетна за двете страни. Во Брисел ќе има претставници на уште 50 други компании и владини претставници кои ќе бидат сослушувани.
„Ако 60% од нашите пласмани одат во Европа, тоа би значело неизнвесна иднина, редуцирање на производството, мали прозиводни кампањи, кога тоа го имаш ќе се соочиш со намалување на број на вработени.“ - вели Кочовски.
Покрај Макстил, директно погодени се Миттал Стил, Дојран Стил, и двете фабрики за цевки во Куманово и Кавадарци ФЗЦ и ИГМ.
Привремената заштитна мерка ќе остане на сила околу 200 дена или до февруари идната година. Царината од 25 насто ќе почне да важи во оној момент кога во Европа, увозот на челик од земји кои не се членки на ЕУ ќе ги надмине зацртаните количини.
