Кочани потпиша рамковен договор од 1 милион денари за бина, озвучување и осветлување - Од 2022 до 2025 година, сумата скокнала двојно
Во време кога жителите на Општина Кочани жестоко се противат на музика во нивниот град, В.Д. градоначалникот Венко Крстевски потпиша рамковен договор од над 1 милион денари, или околу 19 илјади евра за изнајмување бина, озвучување и осветлување на културни и други настани организирани oд Општина Кочани.
Договорот е потпишан со фирмата Алфа Саунд од Кочани и е потпишан за во следните 12 месеци.
Но, цените двојно поголеми за разлика од 2022 година и
нешто повисоки за разлика од 2023 и 2024 година, иако се работи за буквално
истата јавна набавка. Па така, ако во 2022 година, бина – алуминиумска конструкција
со кров, 8 на 6 метри, со по две појачала од по 1200, 900 и 750, шеснаесет
звучни кутии од 400 вати, миксета со 32 влеза, пет микрофони за тапани, исто
толку вокални микрофони и микрофони за инструменти, осветлување, рефлектори во
минимум 15 бои и агрегат од три киловати по потреба чинеле 123 илјади денари,
во 2024 година, сумата била 175 илјади денари, а во 2025 година, 210 илјади денари.

Бината од среден тип пак, во 2022 година чинела 78 илјади денари. Во 2024 година, истата била 95 илјади, а годинава, 118 илјади денари. ЛЕД екраните од 42 метри квадратни во 2022 година чинеле 52 илјади денари, во 2024 година, сумата скокнала на 70 илјади, а во 2025 година, 82 илјади денари.
Во 2023 и 2024 година, сумата останала иста. Овие пари се предвидени да се трошат за Денови на кочанскиот ориз, новогодишен конценрт, хуманитарни концерти и други настани.
Во договорот е предвидена и забавата која в.д. градоначалникот Крстевски ја најави за Петровден – празникот на градот Кочани, но не се одржа под притисок на жителите.
Александар Тодески
