Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Коалицијата на согласните“ ја чека Русија

„Коалицијата на согласните“ ја чека Русија

Вашингтон разгледува варијанти за дејствување на САД во Иран и Гренланд. Белиот дом засега исклучува испраќање војска на САД во Иран, но не се исклучени воени удари и санкции, сајбер напади и лансирање Старлинк. Во поглед на Гренланд предвид е купувањето или „мала“ воена интервенција. „Вака или така, САД ќе го земат Гренланд“, вели Трамп, додавајќи дека „нема да им го остави на Кина и Русија“. Европа, во меѓувреме се обидува да ги убеди Американците дека за нив ќе биде подобро таму да има трупи на НАТО, кои би ја гарантирале безбедноста на САД! Демек, да им помогнат на Американците од наводните закани од Кина и Русија. Со американскиот претседател, Доналд Трамп, се’ е можно. Но тешко би прифатил ваква европска иницијатива. Него не го интересира безбедноста, бидејќи во моментов САД се најголема воена и економска сила. За Трамп во преден план се парите.

И додека Европа не знае како да се однесува кон потезите на Трамп, „Коалицијата на согласните“ чека одговор од Русија на нејзиниот план, подготвен во вторникот во Париз. Средбата на сојузниците во Париз го доближи одобрувањето на планот со кој на Украина и се обезбедува воена и техничка поддршка од страна на САД и гаранции за мировниот договор. Меѓутоа во заедничката изјава- декларација од над 30 земји, усвоена на крајот од средбата Америка е спомната воопштено. А претставниците на Вашингтон не ја ни потпишаа. Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, деновиве изјави дека чека одговор од Русија до крајот на месецов. Но според се’ она што е изјавено од Русија во изминатиов период, таа се’ уште не е за мировен договор по терк на „согласните“. А доколку и Трамп не го прифати тој план, тогаш Украина, ЕУ и другите сојузници влегуваат во ризична фаза.

Според украински експерти, Париската декларација не содржи конкретни детали. На пример, какви ќе бидат акциите на сојузниците во случај на обновена руска агресија. Учесниците се согласиле правно да ги финализираат задолжителните обврски, кои би го одредиле пристапот на сојузниците во поддршка на Украина и обновата на мирот и безбедноста во случај на иден руски напад. Овие обврски можат да вклучат користење на воени капацитети, разузнавачка и логистичка поддршка, дипломатски иницијативи како и воведување на нови санкции. Што конкретно значи ова, не е јасно. Зеленски се жали. „Токму ова прашање(за нов руски напад) им го поставувам на нашите партнери. И досега немам добиено јасен и недвосмислен одговор“, вели тој. Францускиот претседател, Емануел Макрон, кој заедно со британскиот премиер, Кир Стармер, најавија испраќање на војска во Украина, францускиот контингент го смета исклучително како „сила која смирува“. „Тоа не се сили кои ќе учествуваат во непријателствата“, изјави тој за „Франс2“. Но и изрази  желба за средба со рускиот претседател, Владимир Путин. Италијанската премиерка, Карла Мелони, додава „дека сега е време да се разговара со Русија“. Како што тргнале, нема ништо од ставовите на ЕУ да се изолира Путин.

ПРЕВЕЗ НА ТАЈНА

Многу работи околу договарањето на „согласните“ се недоречени или завиткани со превезот на тајна. Се вадат само фрагменти од документот. Од она што е јавно, се знае само дека повеќето држави се против праќањето војска во Украина. Се’ друго е затскриено, иако во Украина велат дека решенија постојат, но се чека прво нив правно да ги одобрат парламентите на европските држави и другите членки на „согласните“. Тогаш се’ ќе биде достапно на јавноста. Па дури и билатералниот документ за безбедносни гаранции од страна на САД, кој е пред финализирање  на евентуална средба меѓу Трамп и Зеленски. И тој документ е под превезот на тајна. Дотогаш САД и Русија ќе треба да поразговараат на таа тема. Што нема да биде едноставно, ако се има предвид настојувањето на Русија да се спроведе она што е договорено меѓу Путин и Трамп на Аљаска. Што значи и дека може да не се постигне договор. На прво место за Русите е повлекување на украинските војски од Донбас, како и гаранциите за нејзината безбедност. Средбата на Зеленски и Трамп може да се одржи во Вашингтон, но не е исклучено тие да се видат во Давос, каде што на 19 јануари започнува Светскиот економски форум. Постои можност месецов да се одржи и средба во формат САД-Европа-Украина.

Таа секако ќе мине во обид да се убеди Трамп во поддршка на Европа, во отказ од намерите за Гренланд и да се испратат американски војници за набљудување на мирот во Украина. Во Европа не знаат колку цврста ќе биде американската поддршка на Украина и мировниот договор, кој ќе ја зацврсти нејзината безбедност. Исто така, во Европа немаат никакви гаранции за тоа дека работите врз мировниот договор ќе завршат успешно.

Но и во отсуство на такви гаранции Европа инсистира на гаранции од типот на Член 5 од Вашингтонскиот договор. Гаранции кои се поврзани со голем ризик. Гаранциите ќе бидат ратификувани од Сенатот и ќе станат правно обврзувачки. Самуел Чарап во „Вашингтон пост“ се осврна на оваа тема. Тој тврди дека три пречки стојат на патот на таквите далекусежни обврски.Прво, тука е сложеното прашање на доверба. Доколку присуството на американски војници во Украина беше неопходно за заштита на виталните интереси на САД, тие ќе беа таму пред години. Наместо тоа, три последователни претседатели - Барак Обама, Џо Бајден и Доналд Трамп - постојано одбиваа да испратат американски војници да ја бранат Украина. Ова е убедлив доказ дека тие веруваат дека влоговите за САД се премногу ниски за да ги оправдаат трошоците и ризиците од војна со најголемиот нуклеарен арсенал во светот.

Според Чарап, секоја обврска кон Украина што ветува промена на сегашниот курс би била од сомнителна вредност во одвраќањето на идната руска агресија. Поддржувачите нагласуваат дека Русија сè уште не ја тестирала храброста на НАТО. Но, минатата неподготвеност на САД да се борат за Украина ги доведува во прашање идните обврски кон Украина. Ако рускиот претседател Владимир Путин смета дека е стратешки целисходно да го оспори блефот на САД, тој може да го стори тоа.

Затоа, вели Чарап, многу е нелогично некои членки на НАТО толку упорно да инсистираат на пошироки безбедносни гаранции на САД за Украина - ако Вашингтон на крајот се согласи, тоа би ја поткопало нивната сопствена безбедност. Европските сојузници остануваат зависни од американската војска за одбрана и мора да бидат претпазливи кон сè што би можело да ги ослаби гаранциите на НАТО по Член 5 или да го поткопа одвраќањето од потенцијална руска агресија.

ПРИОРИТЕТ НА ОБВРСКИТЕ

Третата, и можеби најважната, причина зошто Вашингтон не треба да му обезбеди на Киев гаранции според Член 5, смета Чарап,  е основната реалност што следи: подготвеност да се бори против Русија за Украина.Застапниците на гаранциите од Член 5 тврдат дека перспективата за нуклеарна ескалација ќе ја одврати руската агресија против Украина. Но, Москва докажа дека е подготвена да сноси многу поголеми трошоци и ризици по украинското прашање отколку Вашингтон. Ова значи дека во секоја идна конфронтација, особено онаа што се наоѓа на работ на нуклеарна војна, САД неизбежно ќе се најдат во неповолна положба.

Секој мировен договор неизбежно ќе бара безбедносни гаранции за Украина. Но, администрацијата на Трамп треба да даде приоритет на обврските што се тесни, но веродостојни - односно, во духот на она што САД и нивните сојузници го направија за Украина во текот на изминатите четири години - наместо на празната дарежливост што носи големи опасности.

Приврзаниците на поголемото вмешување на САД во војната во Украина, играат на картата и на разногласијата во Белата куќа во поглед на иднината на таа војна и приодот кон неа. Засега има две линии, Едната, е на државниот секретар, Марко Рубио, а другата на специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Рубио е за „поостар“ однос кон Русија, додека Витокоф е „помек“. Во светлината на настаните околу Венецуела, по киднапирањето на Мадуро, украинската влада почна да очекува Трамп да ја прифати „линијата на Рубио“ и дека војната со Русија ќе продолжи, но со нагло зголемување на притисокот врз Москва. Но има ставови дека ова сценарио е смртно опасно за Украина, бидејќи секоја ескалација, вклучително и нуклеарна, би ја направила прва жртва во размена на удари меѓу Русија и САД. Затоа, најдобрата опција за Украинците е брзо примирје. Истото важи и за другите земји.

Во исто време, јасно е дека геополитичките тензии во светот растат енормно. И тие нема да се решат брзо. Дури е можна ескалација со конфронтацијата меѓу големите сили. Клучното прашање е како ќе се одвива тоа. Во форматот на Студената војна од минатиот век (за време на која живееше и се развиваше човештвото), или глобална нуклеарна војна што би можела да ја уништи целата планета.

По кој пат ќе се развива ситуацијата во голема мера ќе зависи и од тоа дали руско-украинската војна може да се запре во блиска иднина. Ова е единствениот воен конфликт во кој е директно вклучена голема нуклеарна сила и други нуклеарни сили, индиректно. Затоа, мирното решение меѓу Москва и Киев значително ќе ја намали веројатноста глобалната конфронтација да ескалира во жешка фаза и да доведе до нуклеарна војна.

Во Москва во тек е подготовката на одговорот на документот од Париз. Лансирањето на ракетата „Орешник“ во петокот, некои го сметаат како порака до Европа и до САД. Можеби тоа значи дека во документот има работи кои не и се допаѓаат на Русија. И е најава за продолжување на воените дејства. Можно е и заострување на барањата кон Украина.  Сега се ќе зависи од Американците, од Трамп. Колку тие ќе бидат подготвени да придонесат кон мирот во Украина. Или , пак, во Кремљ и во Белата куќа ќе доминираат „партиите на војната“.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести