Економија, финансии, бизнис

Контакт

Клучен партнер замина, приходите паднаа: Факом имаше уште една тешка година

Клучен партнер замина, приходите паднаа: Факом имаше уште една тешка година

Некогаш беше гордос во областа на челичните конструции со вртоглави приходи, но последниве години се целосно спротивни на остварениот успех на некогаш најголемата и најстара македонска компанија за метални конструкции „Факом“. 

Поради прекинот на соработката со долгогодишниот партнер „Финкантиери“, Факом минатата година повторно има намалени приходи, што покажува дека компанијата се уште минува низ навистина тежок период.

Факом АД во 2025 година се соочи со значително намалување на приходите и сериозни предизвици во работењето, што се одрази и врз финансискиот резултат на компанијата. Според анализата на деловните резултати, вкупните приходи во текот на годината се намалени за над 733 илјади евра, односно за 14 проценти во споредба со претходната година.

- Во однос на остварените приходи во оваа година споредбено со минатата би истакнале дека станува збор за намалување на истите и тоа за 45.106.278 денари (14%) помалку остварени приходи во однос на предходната година.

Ова намалување е резултат на повеќе фактори кои имаа директен одраз врз работењето во Факом АД  а тоа е пред се прекинот на соработката со најзначајниот купувач и долгогодишен соработник Финкантиери поради проблем со продолжување соодветни лиценци и неможноста тој вакум период да се надмине - се посочува во годишниот извештај на Факом објавен на Македонска берза. 

Главната причина за падот на приходите е прекинот на соработката со долгогодишниот и најзначаен партнер „Финкантиери“, до кој дошло поради проблеми со продолжување на соодветни лиценци. Во периодот додека се решавал овој проблем, компанијата не успеала да го надомести вакуумот со нови нарачки, што се одрази врз обемот на работа и приходите.

Извештајот покажува дека, дополнително, одредени купувачи поднеле рекламации за изработени производи, поради што биле одложени наплатите на побарувањата додека се вршеле проверки од нивна страна. Ова довело до проблеми со ликвидноста и потешкотии во сервисирањето на обврските, вклучително и кон вработените, што во одредени моменти резултирало и со прекин на работниот процес.

Но, проблемите за Факом не застанале тука. Работењето било дополнително отежнато и поради хаварија во Железара, поради која дошло до прекин во снабдувањето со електрична енергија. Производството било запрено неколку дена, што довело до пробивање на договорените рокови, а дел од нарачките биле пренасочени за изработка во Босна и Херцеговина.

Прекинот на соработката со клучниот партнер предизвикал и одлив на работна сила, што дополнително ја намалило способноста на компанијата брзо да склучува нови договори и да го стабилизира производството. 

- Поради прекинот на таа соработка имаше одлив на работници со што индирекно влијаеше врз можноста за склучување на нови договори. За сето тоа беше потребно подолг временски период што негативно се одразуваше врз остварувањето на приходите - се посочува во извештајот.

Во согласност со намалениот обем на работа, и расходите на компанијата се намалиле. Во 2025 година тие се пониски за 113.230.085 денари (1,8 милиони евра), односно за 22 проценти во споредба со претходната година. Намалувањето најмногу се должи на пониски трошоци за материјали и за плати, при што расходите за плати се намалени за 47.342.982 денари или скоро за 770 илјади евра, односно за 25 проценти.

Во текот на 2025 година Факом АД не исплатил дивиденда, ниту пак има значителни промени во вложувањата во материјални средства. Не се извршени набавки на недвижности, постројки или опрема, ниту пак е направен значителен отпис на средства. Исто така, нема промени во кредитната задолженост во однос на претходниот ревидиран годишен извештај.

Ова не е прва година како компанијата се соочува со финаниски проблеми. И минатата година имаа големо намалување на приливите. 

Во годинешниот извештај е посочено оти поради наведените околности, компанијата не успеала да го исполни планираниот деловен резултат и се соочила со значителна загуба. 

Во наредниот период, од Факом АД најавуваат напори за враќање на изгубените клиенти и проширување на нови пазари, со цел повторно стабилизирање на ликвидноста и финансиската состојба на друштвото.

П.О.

Слично

Поврзани вести