Клуч на врата од УЈП и за скопско Броз кафе
Под лупа на УЈП во последните два месеци се бројни претпријатија, фирми, ординации и угостителски објекти.
Клуч на врата добија скопските познати угостителски објекти „Тренд“ и „Палма“, а на затворени врати денеска наидовиме и во скопската кафетерија Броз Кафе.
Траките кои може да ги забележите на фотографијата укажуваат на фактот дека и овој угостителски објект е затворен од страна на Управата за јавни приходи, а информацијата ја потврдија за Фактор и од УЈП.
„Во врска со вашите прашања, ве информираме дека поради утврдени неправилности во деловниот објект, односно нерегистрирање на готовинскиот промет и неиздавање на фискални сметки, донесено е времено решение со кое на даночниот обврзник му се забранува вршење на дејност во деловната просторија и изречена е глоба за сторен прекршок согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања.
Временото решение за забрана за вршење на дејност во деловната просторија е спроведено со асистенција од Министерството за внатрешни работи, земајќи во предвид дека и покрај запечатувањето на објектот од страна на Управата за јавни приходи, обврзникот продолжил да врши дејност“, посочуваат од УЈП.
Телефонскиот број на објектот не е достапен и се пренасочува кон секретарка.
Управата за јавни приходи минатата недела информираше дека објектите се затворени поради неиздавање на фискални сметки.
„Поради утврдени неправилности во деловниот објект, односно констатирано неиздавање на фискални сметки и нерегистрирање на готовинскиот промет, УЈП има донесено решение со кое на даночниот обврзник времено му се забранува вршење на дејност во деловната просторија, и изречена е глоба за сторен прекршок согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања“ - одговорија од УЈП на прашањата на Фактор.
Директорката на УЈП посочи дека засилениот мониторинг врз плаќачите и неплаќачите на данок не почнал од кафетериите на кои управата им стави клуч на врата туку веќе два месеци наназад се прават контроли кај даночните обврзници.
