Економија, финансии, бизнис

Контакт

Климатизерите се повеќе се вклучуваат, Македонците трошат се повеќе струја за разладување

Климатизерите се повеќе се вклучуваат, Македонците трошат се повеќе струја за разладување

Домаќинствата во земјата во текот на минатата година потрошиле 3,22 гигаватчасови електрична енергија доставена од универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, а потрошувачката е зголемена иако има постојан раст на цената на струјата на годишно ниво.

Во последните неколку години има раст на потрошувачката на електрична енергија од страна на граѓаните, а според Регулаторната комисија за енергетика тоа се должи најмногу поради се почестото и поинтензивно користење на климатизерите за време на летните сезони.

„Зголемената потрошувачка на електрична енергија кај домаќинствата е во рамките на нормалните вредности и зависи пред се од временските услови, како што беа екстремно високите температури во летниот период во неколку бранови“, коментираат од РКЕ во годишниот извештај за работењето во 2025.

Најголем удел во продажбата на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје во 2025 година од 91,53 отсто е за категоријата домаќинства, додека 8,47 проценти од продажбата е насочена за малите потрошувачи

Во последните години потрошувачката на струја кај домаќинствата расте во континуитет. Од 2,99 гигаватчасови во 2023, до околу 3,22 гигаватчасови во 2025. Трошењето е најголемо во последните пет години.

„Може да се забележи дека остварената продажба на електрична енергија кај домаќинствата во 2025 година е за 4,95% повисока од остварената продажба во 2024 година“, смета регулаторот.

Според експертите кои што ги контактиравме, јазот во потрошувачката на електрична енергија за време на зимската и летната сезона се намалува се повеќе, токму поради користењето на климатизерите како потрошувачи за време на најтоплиот период од годината. Тоа може да е и една од причините зошто во попладневните летни часови најверојатно нема да има поевтина таканаречена „сончева“ тарифа, иако производството од фотоцентралите тогаш е најголемо и остануваат вишоци на струја.

Продажбата на електрична енергија, од друга страна, кај малите потрошувачи, односно кај фирмите кои останале дел од регулираниот пазар, потрошувачката во 2025 бележи пад од високи 22,72 проценти споредено со претходната 2024 година. 

„Од друга страна, намалувањето на потрошувачката кај малите потрошувачи се должи на тоа што голем дел од компаниите се одлучија своите потреби од електрична енергија да ги обезбедат од слободниот пазар поради стабилноста на цените, како и поради пониските цени на слободниот пазар од цените на регулираниот пазар за оваа категорија на потрошувачи. Понатаму, исто така дел од овие потрошувачи инсталираа фотонапонски панели со цел дел од потребите да обезбедат од сопствено производство на електрична енергија“, додава РКЕ.

А.К.

Слично

Поврзани вести