ЌОРСОКАК: Русија нуди попуст на гасот, Украина не прифаќа
Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ и понуди попуст од 100 долари за 1.000 кубни метри гас, но и ваквиот предлог е неприфатлив за Украина. Според последниот предлог изнесен на денешните преговори „Гаспром“ предлага цена од 385 долари за 1.000 кубни метри гас, што е за 100 долари помалку од актуелната цена што Москва му ја пресметува на Киев.
Според рускиот претседател Владимир Путин, ваквиот став на Украина ги води преговорите во ќорсокак.„Гаспром на Украина и ги нуди истите услови од спогодбата за гас, која важеше и за време на поранешниот претседател Виктор Јанукович. Земјите од соседството, како што е Полска, плаќаат многу повисока цена за гасот. Сепак, на украинските колеги попустот им е мал, бараат повеќе, иако не е сосема јасно на која основа“, рече Путин.
Тој нагласи дека сите предлози од руска страна се добронамерни, со цел да ја поддржат украинската економија во кризни времиња, но и се закани дека доколку сите предлози бидат одбиени, Москва ќе премине на сосема поинаква фаза.
Украинскиот министер за енергетика Јуриј Продан, по повеќечасовните тристрани преговори во Брисел, изјави дека Украина не е подготвена да ја исплати претходната испорака на гас додека претходно не се договори цената за идните испорачани количини и методологијата за нејзина пресметка.
Еврокомесарот за енергетика Гинтер Оетингер, кој е претставник на Брисел во разговорите, по денешната рунда призна дека „сите страни мора да направат дополнителни отстапки по прашањето на гасот“.
Слично
