Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе забрзаме кон Европа или ќе продолжиме да чекориме во место?

Ќе забрзаме кон Европа или ќе продолжиме да чекориме во место?
Случајна коинциденција, подготовка на терен за одблокирање на македонскиот пат или рутинска дипломатија се трите средби во три дена – во Скопје, Атина и во Брисел – на бугарскиот и германскиот министер за надворешни работи и на опозицискиот лидер Во ист ден Кристијан Вигенин во Скопје, Валтер Штајнмаер во Атина, а само два дена претходно опозицискиот лидер Зоран Заев и неговата заменичка Радмила Шеќеринска во Брисел кај Штефан Филе. Сосема случајна коинциденција, или, пак, свесно темпирани видувања (со исклучок можеби на германскиот министер за надворешни работи), од кои може да произлезе една, т.н. нова “игранка“, која би значела забрзување на интеграциите на Македонија, можеби испитување на пулсот, какво е расположението кај нас и во Грција, во време на претседавање на Атина да се направи некој порадикален исчекор во таа насока. Се разбира со потенцијално затворање на сите отворени прашања што стојат на македонскиот пат за Брисел. Или, пак, можеби е само една рутинска дипломатија од која не треба да се има големи и во овој момент нереални очекувања. Новиот шеф на германската дипломатија како една од своите први дипломатски активности по преземањето на функција ја избра посетата на нашиот јужен сосед. Пред слетувањето на грчко тло, тој уште во Берлин, искажа јавна подготвеност да разговара за деценискиот спор што го имаат двете соседни држави.
- Сигурен сум дека патувам за Атина добро подготвен. Секако дека мојата подготвеност се однесува и за односите меѓу Грција и Македонија за кои сигурен сум дека ќе се разговара. Со Грција ќе разговарам за сите отворени прашања – како оние што се однесуваат на Европската Унија, така и за економската криза и односите со соседите, изјави Штајнмаер.
Дополнувајќи уште и дека “Скопје и Атина треба да бидат конструктивни. Да бидат подготвени да направат компромис кој е евидентно во интерес на двете земји и со кој ќе се овозможи Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ, кои ги сметам за неопходни. Тоа е потребно за стабилноста со што ќе се покаже дека земјата оди нанапред. Македонија подолг период е во застој кој сметам дека треба да биде „прекршен“. Но, за тоа е потребна добра волја од двете страни: и од Скопје и од Атина“. По 45-минутната средба со својот грчки колега, не ја спомена нашата земја, задржувајќи се првенствено на економските прашања, пред се околу кризата во која Германија е главен “спонзор“. Единствено Евангелос Венизелос го спомена регионот – во контекст на неговите европски перспективи. Сепак, и ова е доволен сигнал дека, на маса во Атина било и т.н. “македонско“ прашање. Без детали до каде стигнале разговорите за него. Планини меѓу Македонија и Бугарија Речиси во истовреме, во Скопје шефот на бугарската дипломатија Вигенин во Скопје на своето предавање на Дипломатската академија на МНР, ја потенцираше поддршката на Софија за македонската европска агенда, но не пропушти да нагласи дека спорните прашања меѓу соседите треба да бидат решени пред да почнат преговорите за членство. Алудирајќи во прв ред на Договорот за добрососедство на кој Бугарија инсистира и за што тој тврди дека има напредок во разговорите,но не треба да се брза. Договор, кој Македонија се уште се нема изнесено јавно дека го прифаќа. Можеби најголемата симболика колку блиску, поточно, колку двете страни се далеку од пружање рака за договор може да послужи и тоа што македонскиот министер за надворешни Никола Попоски, влезе на академијата, дури откако Вигенин го заврши своето предавање. Или, кажано со вокабуларот токму на Поповски – планините се уште се меѓу Македонија и Бугарија. Независно од нивната височина. Бура во македонската политичка чаша крена и божиќната посета на Заев и Шеќеринска во Брисел и нивната средба со еврокомесарот Штефан Филе. Имало или не разговори за името, идеи од водството на СДСМ за негово решавање или за унапредување на добрососедските односи со серија други иницијативи, беше нешто што го бомбардираше медиумскиот простор кај нас во минатите 2-3 дена. Дилемите се чини ги расчисти портпаролот на Филе – Петар Стано.
“Усвојување на препораките од политичкиот договор од 1 март минатата година и дефинитивно се услов за Европската комисија да продолжи со Пристапниот дијалог на високо ниво со Република Македонија“, изјави тој во петокот во Брисел.
Стано го цитираше , она што Филе му го кажал на Заев на нивната средба , а беше наведено во соопштението на ЕК, дека „кога имплементацијата на мартовскиот договор ќе продолжи, Комисијата е подготвена да го поддржи реформскиот процес преку ХЛАД-от, под услов властите да останат посветени на спроведувањето на реформите и продолжат со подобрување на добрососедските односи”. Што сметаат аналитичарите? Ваквите јавно искажани ставови и мислења, не оставаат преголем простор за оптимизам – дека првата половина од 2014 е добар тајминг за решавање прашањата со кои ќе се одблокираат евроатлантските интеграции, вели за Фактор политичкиот аналитичар Едмонд Адеми. Според него, во изминативе години, во различен период, со различен интензитет имало вакви ситуации  кои однадвор изгледале како нешто да се готви, за на крајот да остане така како што било. И во овој контекст, посетата на Винегин на Скопје, и на германскиот Штајнмајер на Атина, е уште една таква ситуација.
Ако ги читаме изјавите на Винегин во Скопје, мислам дека не кажа ништо ново. И Бугарија останува на своите позиции во однос на потпишувањето на Договорот за добрососедсвто, така што очигледно е дека и двете страни стојат на истите позиции, без никаков напредок. Што се однесува до посетата на германскиот министер за надворешни работи на Атина, и тука не треба да очекуваме нешто специјално. Посетата на Штајнмајер на Атина пред се има врска со финансиската криза во Грција, а Германија како најголем контрибутор на помошта за Грција, и тоа како е заинтересирана за да ја следи состојбата. Прашањето со името, како што најави и самиот германски министер, веројатно се се дискутира но не очекувам ништо ново, смета Адеми.
Уште повеќе, според него,  во плановите на Грција како претседавач на ЕУ, според тоа што го објавија како агенда за наредните 6 месеци, проширувањето нае на дното на агендата. Затоа, кога се ќе се собере и одземе, не треба да се очекува никаков радикален исчекор во таа насока, уште повеќе што во мај 2014 се европските избори, и ќе се се чека формирањето на новата ЕК. Актуелната си пакува куферите, а дел од комесарите во моментов се фокусирани на нивните кариери. З.Ф.
Слично

Поврзани вести