Ќе возиме ли „пар-непар“ на Балканот? Стариот режим повторно тема по предупредувањата за енергетска криза
Сеќавањата на некогашната „пар-непар“ возачка регулатива од времето на поранешна Југославија повторно се актуелизираа, откако Меѓународна енергетска агенција предупреди на можни нарушувања на глобалниот пазар на нафта и гас.
Иако засега нема најави за воведување вакви ограничувања на Балканот, пораките од меѓународните институции сè почесто отвораат прашања за можни мерки за штедење гориво.
Предупредувања за нова енергетска криза
Меѓународната енергетска агенција предупредува дека конфликтите на Блискиот Исток може да предизвикаат сериозни последици врз снабдувањето со енергенси. Во својот апел, агенцијата предлага мерки како работа од дома, намалена употреба на приватни автомобили и промени во навиките за транспорт.
Посебен акцент се става на сообраќајот, кој учествува со околу 45 проценти во глобалната потрошувачка на нафта.
Притисок врз буџетите
Експертите предупредуваат дека доколку цените на горивата продолжат да растат, ќе се зголеми притисокот врз државните буџети. Прашање е колку долго владите ќе можат да ги субвенционираат цените за да ги заштитат граѓаните.
Во таков случај, дел од товарот би го сноселе даночните обврзници, особено во земјите со силна туристичка сезона.
Како функционираше „пар-непар“?
Системот „пар-непар“ беше воведен во 1979 година во поранешна Југославија, кога државата не можеше да обезбеди доволно гориво.
Според тоа правило, возилата можеа да се движат само во одредени денови, зависно од последната цифра на регистарската табличка – парна или непарна.
Веќе првиот ден од примената, сообраќајот бил преполовен, но истовремено се појавиле големи гужви во јавниот превоз, а многу работници доцнеле на работа.
Дали е можно повторување?
Иако вакви мерки денес не се најавени, „пар-непар“ системот не е непознат ни во поново време. Во некои европски градови, како Париз, бил примен привремено поради загадување на воздухот или големи сообраќајни гужви.
Засега, во регионот нема конкретни планови за вакви ограничувања, но растот на цените на енергенсите и глобалните кризи повторно го отвораат прашањето за рационализација на потрошувачката на гориво.
Блиц.рс