Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе видиме ли голема француска инвестиција во Македонија?

Ќе видиме ли голема француска инвестиција во Македонија?

Македонско Француски бизнис Форум.

Идно продлабочување на меѓусебната соработка, особено во секторите на автомобилската индустрија, информатичко - комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, фармацевтска индустрија, медицински помагала и услужниот сектор. Вицепремиерот Владимир Пешевски на денешниот француско-македонски бизнис форум, изјави дека сите инвеститори кои отвораат работни места се добредојдени.

Ќе му излеземе во пресрет на секој што сака да отвори фирма кај нас. Ќе настојуваме, преку моделите на државна помош и поедноставувањето на административните процедури, да им овозможиме на сите што имаат интерес за воспоставување каква било операција во Македонија, полесно да ги реализираат своите планови, нагласи Пешевски.

Не се таргетираат, додаде, одредени компании и сектори, но сепак е добро да дојдат оние што реализираат додадена вредност и кои имаат ефект на пренесување знаење, како технолошките и од областа на земјоделството во кое Франција има огромно искуство.

Можностите за соработка со Франција и за нови инвестиции се многу големи. Сакаме Македонија да биде една од дестинациите за вложување на француските компании, рече министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

Ален Ришар, специјален претставник на министерот за надворешни работи надлежен за Западен Балкан, рече дека оние што работат тука се многу задоволни од бизнис климата во Македонија

Моја задача е да привлечам и други, да им кажам дека навистина климата за водење бизнис во Македонија е поволна. Засега се реализираат повеќе значајни проекти, посебно во областа на земјоделството каде што Франција има големо искуство. Станува збор за вистинско партнерство и пренесување на нашата експертиза, изјави Ришар.

На денешниот втор бизнис форум што го организира француската амбасадорка Лоренс Оер, присуствуваат претставници од околу 30 компании. Македонија и Франција досега соработувале во повеќе области, но отсуствува голема француска инвестиција во земјава. Се сметаше дека таква може да биде компанијата „Монтипе“, инвестиција која требаше да тежи 75 милиони евра, но во екот на кризата Французите се воздржаа од инвестиции.

Слично

Поврзани вести