ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ БОДОВИТЕ НА НАЈНИСКИТЕ СОБРАНИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ - целта е нивната плата да се усогласи со новиот „минималец“
Ќе им се зголемуваат бодовите на дел од собраниските службеници, со цел нивните плати да ја достигнат, односно да се усогласат со минималната плата, откако таа на износ од 18 илјади денари стартува веќе од мартовската плата за оваа година.
Ваков предлог закон подготвиле и потпишале четворица пратеници од владејачкото мнозинство, меѓу кои и спикерот Талат Џафери, како и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, потоа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, како и пратеникот Арбр Адеми од ДУИ.
Како што е познато, со Законот за Собранието, покрај други прашања кои се важни за законодавниот дом, се уредува и класификацијата на работните места на собраниските службеници, постапките за пополнување на работните места, платата и вредноста на бодот за пресметување на платата, како и останати прашања.
Со измените на Законот за минимална плата, се утврди ново зголемување, кое ќе им се исплаќа на вработените веќе од овој месец, односно таа ќе изнесува 18 илјади денари. Од друга страна, со членот 40-н од Законот за Собранието, се утврдува платата и вредноста на бодот за пресметување на платата на собраниските службеници. Таа е составена од три компоненти и тоа дел на плата за степенот на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.
Предлагачите објаснуваат дека со овој закон ќе се изменат бодовите на дел од нивоата на собраниските службеници од категоријата „Г“, со единствена цел при пресметката на платата да се достигне законски утврдениот изност на минимална плата во државата.
Односно, од причина што дел од нивоата на помошно-стручните собраниски службеници од категоријата „Г“, согласно пресметката на плата во која се вклучени овие три компоненти, имаат плата помала од законски утврдената минимална, треба да им се зголемат бодовите, со цел тие да можат да ја стигнат новата минимална плата.
„Со тоа се воспоставува конзистентност, правна сигурност и еднаков третман за исплата на сите вработени со иста минималната плата“, напишале предлагачите на законот. Велат дека основната цел на предложеното законско решение е постигнување на еднаквост на вработените во Собранието со статус на собраниски службеници со најниски примања, преку воспоставување на систем на плата на собраниските службеници во процент, односно правичен сразмер согласно работните задачи со другите нивоа предвидени во законот.
Пратениците кои ги предлагаат измените навеле и дека
овој закон ќе има фискални импликации врз Буџетот, но
дека тие се вклопуваат во износот на обезбедените средства во Буџетот на
Собранието. Бараат измените да се
донесат по скратена постапка.
„За ниво Г2 - помошно-стручен собраниски службеник од второ ниво бодовите „235“ се заменуваат со бодовите „245“,за ниво Г3 - помошно-стручен собраниски службеник од трето ниво бодовите „216“ се заменуваат со бодовите „238“ иза ниво Г4 - помошно-стручен собраниски службеник од четврто ниво бодовите „207“се заменуваатсо бодовите „230“, се наведува во кусите предлог законски измени.
Н.Н.Ф.
